За помалку од 24 часа, припадниците на МВР, Центарот за управување со кризи и спасувачките служби успешно реализираа две сложени интервенции на непристапен терен. На Шар Планина беа евакуирани тројца планинари, откако еден од нив добил болки во градите и отежнато дишење, додека на Матка, по неколкучасовна ноќна потрага беше пронајден изгубен турист од Романија. И во двата случаи, спасувачките акции завршија успешно, без потешки последици по лицата

 

Припадници на полицијата и на Центарот за управување со кризи, викендов, имаа полни раце работа – спасуваа тројца планинари на врвот Бистрица на Шар планина, а по неколкучасовна потрага пронајдоа изгубен турист од Романија во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело.

Според информациите на МВР, во петокот вечерта, во 18:46 часот, во СВР Тетово, 38-годишен жител на село Жеровјане побарал помош за себе и за уште двајца планинари, откако останале заглавени на непристапен терен на патот кон врвот Бистрица на Шар Планина. Дополнително, на едниот од нив ненадејно му се влошила здравствената состојба, при што почувствувал болки во градите и отежнато дишење.

– На 11.07.2026 во 18:46 часот во СВР Тетово, А. Ч. (38) од село Жеровјане побарал помош за него и за уште две лица, Н. М. од с. Слатино и Б. А. од с. Глоѓи. Пријавителот известил дека со возило пристигнале до местото викано „Три води“, атар на село Теарце, по што пеш се упатиле кон планината Бистрица на Шар Планина, каде што поради тежок и непристапен терен останале заглавени, а притоа одеднаш му се влошила здравствената состојба со болки во градите и отежнато дишење – информираа од МВР.

Веднаш била организирана спасувачка акција во која се вклучиле полициски службеници, Територијалната противпожарна единица, како и алпинист-спасител од Тимот за брза интервенција и спасување во планина. Двајцата планинари успеале да го симнат повредениот до местото викано „Бачило“, каде што бил преземен од спасувачките екипи.

По успешно завршената акција, тројцата биле безбедно спроведени до регионалниот пат кај селото Лешок, каде што ги чекала екипа на Итната медицинска помош од Тетово. Планинарот со здравствени тегоби бил пренесен во Клиничката болница во Тетово за укажување лекарска помош.

Во вториот случај, државјанин на Романија во саботата вечерта се изгубил во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, по што околу 21:55 часот преку бројот 112 побарал помош од Центарот за управување со кризи. По неколкучасовна координирана потрага на ЦУК и МВР, туристот бил пронајден околу 3:45 часот.

– Веднаш по приемот на пријавата, ЦУК ги презеде сите неопходни активности и ги извести Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст со барање за нивно вклучување во потрагата. Преку континуирана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеаја да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот на 112, по што тие беа доставени до ЦИК при МВР за полесно и побрзо лоцирање – соопшти ЦУК.

Иако бил видно во паника и дезориентиран, романскиот државјанин бил во стабилна здравствена состојба, по што бил пренесен во Полициската станица Сарај за понатамошна постапка.

– Во 03:45 часот, лицето беше успешно пронајдено. Иако било видно во паника и дезориентирано, било во стабилна здравствена состојба. По пронаоѓањето, беше пренесено во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презема понатамошни мерки согласно со своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин – соопштија од Центарот за управување со кризи на „Фејсбук“.

 

ИЗДВОЕНИ