понеделник, ноември 2, 2026
Дома СВЕТ Паѓа белгиската влада? Премиерот: Ќе понудам оставка!

Паѓа белгиската влада? Премиерот: Ќе понудам оставка!

1
EPA/BENOIT DOPPAGNE

Белгискиот премиер Барт Де Вевер во понеделник ќе му ја понуди својата оставка на кралот Филип, откако неговата влада не успеа да постигне договор за буџетот за време на ноќните преговори. Белгија се соочува со значителен фискален притисок и мора да обезбеди заштеди во износ од 10 милијарди евра за да ги исполни европските буџетски правила.

Предвидено е Де Вевер да се сретне со кралот во 9:30 часот, објави белгискиот јавен сервис VRT, повикувајќи се на локални медиуми.

Преговорите меѓу премиерот и членовите на неговата влада траеја во текот на целата ноќ, но завршија без договор. Доколку кралот ја прифати оставката на Де Вевер, во Белгија ќе бидат распишани нови избори. Сепак, кралот Филип би можел и да ја одбие оставката или, пак, привремено да ја остави на разгледување, пренесува Euronews.

Белгиската влада мора да најде заштеди од 10 милијарди евра за да ги усогласи јавните финансии со прописите на Европската унија. Минатата година, буџетскиот дефицит достигна пет отсто од БДП, додека европските правила предвидуваат горна граница од три отсто.

Состојбата со јавниот долг е исто така неповолна. Долгот на Белгија надминува 735 милијарди евра, што изнесува повеќе од 110 отсто од нејзиниот БДП. Според правилата на ЕУ, јавниот долг на земјите-членки не би требало да надминува 60 отсто од БДП.

Неуспехот на преговорите веќе влијаеше врз финансиските пазари. Каматните стапки на белгиските државни обврзници се зголемија, што значи дека државата ќе мора да издвои повеќе средства за сервисирање на постоечкиот долг.

Судбината на владата сега е во рацете на кралот Филип, кој ќе одлучи дали ќе ја прифати оставката на премиерот, ќе ја одбие или ќе ја одложи одлуката.

ИЗДВОЕНИ