Советот на месната заедница Галичник со голема чест информира! Традиционалната манифестација „Галичка свадба“ не е само настан туку и живо културно наследство, завет и спомен што се пренесува со генерации. И во 2026 година, на петровденскиот викенд, Галичник повторно ќе заживее со свадбените поворки, песните, ората, бајракот во свечено руво, славејќи ја љубовта преку вековните македонски обичаи, соопштуваат од месната заедница Галичник. Тие, по објавениот конкурс на кој заинтересираните двојки ги споделија своите приказни и својата мотивација, притоа сакајќи да ја крунисаат својата љубов со венчавка во Галичник, ги избраа Александар Пендароски и Мартина Михајлова за нов зет и нова невеста за „Галичка свадба 2026“.
Тоа што особено се истакна во нивната апликација е нивната длабока и искрена поврзаност со Галичник, како место што не го доживуваат само како традиција туку и како дом, спомен и животна припадност. Дополнителна симболика и тежина на нивниот избор дава фактот што оваа година се одбележуваат 35 години од првата современа „Галичка свадба“ (од 1991 година), кога биле венчани родителите на Александар Пендароски.
– За нив, ова претставува продолжување на една семејна традиција и длабока врска со корените. Веруваме дека Александар и Мартина достојно ќе ја понесат честа да бидат зет и невеста, претставувајќи ги автентичноста, вредностите и духот на Галичник. Им честитаме и им посакуваме многу брачна среќа, љубов, деца и достоинствено претставување на оваа вековна традиција. Да се ќердосает! – порачува од сè срце Огнен Караѓозовски, претседател на месната заедница Галичник.












