Јавната расправа во Скопје ја отвори дебатата за идните еколошки обврски на скопската цементарница и степенот на усогласеност со европските стандарди. Граѓанските иницијативи побараа појасни и построги гранични вредности за емисиите, додека од компанијата уверуваат дека работат во рамки на важечките законски норми. Од Министерството за животна средина посочуваат дека новата дозвола ќе се темели на новата законска регулатива и БАТ заклучоците од ЕУ. Постапката, според институциите, е во тек и вклучува дополнителни консултации со засегнатите страни.

Денеска, во Скопје, се одржа јавна расправа за обнова на интегриранатата „А“ еколошка дозвола за „Титан-Усје“, која компанијата треба да ја добие од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и со која се утврдуваат еколошките правила и услови за работа на цементарницата во следните седум години. Дозволата ги дефинира дозволените нивоа на испуштање штетни гасови и честички во воздухот.

Зошто е важна оваа расправа? Фабриката за производство на цемент побара обновување на дозволата согласно со новиот Закон за контрола на индустриски емисии, кој е на сила од септември 2025 година, и ќе почне со имплементација од септември идната година. Еколошките здруженија и граѓанските иницијативи како „Стоп за Усје“ реагираа бурно и бараат построги еколошки стандарди, намалување на дозволеното загадување и поголема транспарентност во работењето.

Во фокусот на јавната расправа беа спротивставените ставови меѓу граѓанските активисти, компанијата и институциите. Од иницијативата „Стоп за Усје“ порачаа дека во новата дозвола мора експлицитно да бидат вградени европските стандарди и јасни лимити за сите емисии.

– Главните барања се сите европски стандарди и регулативи да бидат директно внесени во дозволата, со јасно утврдени гранични вредности за штетни гасови и тешки метали. Во документот што го видовме, граничните вредности се задржани на старото ниво, кое е повисоко од европските стандарди. Не сакаме само декларативни изјави дека ќе се работи по европски правила, туку тоа да биде напишано и обврзувачки – истакнаа од иницијативата.

Оттаму додаваат дека доставиле писмени забелешки, како и сопствен предлог-документ за тоа како би изгледала дозвола усогласена со европската регулатива, но дека нивните предлози не биле прифатени.

– Генералната забелешка е дека нема суштински промени во ограничувањата на емисиите. Недостасуваат параметри како тешки метали, ураниум и диоксини, што значи дека за тие загадувачи нема јасни обврски. Дополнително, мониторингот и транспарентноста остануваат на ниско ниво – велат од иницијативата.

Тие нагласуваат дека бараат поголем обем на јавно достапни податоци, како и обврзувачко објавување на сите параметри што се доставуваат до надлежното министерство.

На новинарско прашање дали остануваат на барањето за дислокација на фабриката, од „Стоп за Усје“ појаснија дека такво барање како официјална позиција не постои во нивната иницијатива, туку фокусот е на строго почитување на највисоки еколошки стандарди.

– Нашата цел е најстроги норми, реални инвестиции во заштита на животната средина и целосна транспарентност. Ако компанијата тврди дека работи по европски стандарди, тоа треба јасно да се види во практика и во документите – порачаа од иницијативата.

Од друга страна, Наташа Бакреска, менаџер за животна средина и алтернативни горива во „Титан-Усје“, истакна дека процесот на обнова на дозволата е значаен и за јавноста и за компанијата.

– Овој процес на обновување на „А“ интегрирана еколошка дозвола е важен не само за нас како компанија туку и за јавноста, затоа што ни овозможува да ги презентираме сите податоци до институциите и експертската јавност. Нашата цел е јасна – да продолжиме да работиме согласно со законите, европските стандарди и принципите на одржлив развој – рече Бакреска.

Таа додаде дека компанијата е отворена за дијалог и дека транспарентноста е клучен дел од процесот, но одби дел од критиките дека постои сериозно загадување поврзано со работењето на цементарницата.

– Ги следиме реакциите во јавноста, но „Титан-Усје“ работи одговорно и транспарентно. Сметаме дека постои недоразбирање и затоа сме тука да одговориме на сите прашања. Верувам дека со дијалог може да се изгради доверба – изјави таа.

Во однос на можни измени во новата дозвола, Бакреска појасни дека компанијата и досега работела во рамките на постојните законски ограничувања.

– Во апликацијата е опишано тековното работење согласно важечката дозвола. Ние нема да ги надминуваме пропишаните вредности – ниту сега ниту во иднина – нагласи таа.

Од страна на Министерството, Беса Татеши, раководител на одделението за интегрирано спречување и контрола на загадувањето при МЖСПП, објасни дека постапката се спроведува согласно со законските процедури и новата регулатива.

– Јавната расправа е дел од процедурата за издавање, односно обнова на „А“ интегрирана еколошка дозвола. Новата дозвола ќе се темели на Законот за контрола на индустриски емисии, кој ја транспонира европската директива за индустриски емисии – истакна Татеши.

Таа додаде дека целта на процесот е зголемување на транспарентноста, но и целосно усогласување со европските стандарди.

– Сите гранични вредности ќе бидат усогласени со БАТ заклучоците од Севиља. Законот е веќе во сила, но имаме транзициски период за подзаконските акти. Сите сериозни оператори кои се во процес на обнова на дозвола прифаќаат унапредени стандарди – рече таа.

Од Министерството најавија и дополнителни консултации, при што претставниците на „Стоп за Усје“ ќе бидат поканети на средба со ресорниот министер Муамет Хоџа, со цел понатамошно разгледување на забелешките и барањата.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ