Годинашното генерално чистење на државава почна од древниот локалитет, каде што се собраа голем број екологисти и поборници за здрава животна средина, волонтери, ученици, градоначалници, министри, па дури и македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова. Таа порача дека генералката не треба да се прави само еден викенд во годината, туку треба да прерасне во генералка од 365 дена. –Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот, тоа е факт. Ако не се смириме со природата, ќе се самоубиеме! Тоа е факт, истакна македонската претседателка
Да беше во друга држава, скопскиот Аквадукт ќе беше туристичка атракција за секој странски посетител, а приказната за неговото потекло и за значењето ќе ја знаеше секој граѓанин наизуст. Но, овој паметник за кој археолозите претпоставуваат дека е изграден од Јустинијан Први во период од 527 до 554 година, за жал, се наоѓа во македонската метропола, поточно во Визбегово и со децении е неуреден, запуштен и важи за дива депонија. Кој како стигне, фрла ѓубре, градежен шут. Токму од овие причини, годинашната голема акција „Генералка викенд“ почна од овој древен локалитет, каде што се собраа голем број екологисти и поборници за здрава животна средина, волонтери, ученици, градоначалници, министри, па дури и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Сите тие се вклучија во тридневната акција, која петта година по ред масовно се спроведува на 500 локации во 78 општини во државава.
Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека генералката не треба да се прави само еден викенд во годината, туку треба да прерасне во генералка од 365 дена.
– Потребен ни е природен договор меѓу луѓето и природата. Договор во кој ќе гарантираат дека луѓето ќе ја штитат природата. Ние во правото велиме дека оној што е постар има посилни или поголеми права, ама прво настанале растенијата, па животните, па луѓето. Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот, тоа е факт. Ако не се смириме со природата, ќе се самоубиеме! Тоа е факт – истакна Силјаноска Давкова.
Иницијативата ја поздрави и министерот за животна средин,а Изет Меџити, според кого, ова е најмасовна волонтерска акција за чистење на отпадот во државата, која од година на година станува сè помасовна и станува симбол на тоа како свесноста за сопствената одговорност и добрата соработка дава видни резултати.
– Животната средина и особено ваквите споменици како Аквадуктот заслужуваат почит и грижа. Ваквите акции во кои сите заеднички покажуваме иницијатива, волја и подготвеност за соработка, треба да бидат дел од нашето секојдневие. На отпадот не му е место на улица или во природата – нагласи Меџити.
Тој додаде дека Владата и ресорното министерство ги поддржуваат сите акции во кои се покажуваат силна иницијатива, волја, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за идните генерации.
Во чистењето на Аквадуктот се вклучи и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој смета дека сите треба да дадат целосна поддршка и е уверен оти ова не е само еднодневен ангажман туку и симболичен и суштински поттик за системски пристап кон унапредувањето на хигиената и односот кон животната средина во сите општини.
– Особено значење има тоа што почетокот на акцијата се случува токму тука, кај скопскиот Аквадукт, кој е место со голема историска и културна важност, но истовремено, би рекол, и жртва на долгогодишна негрижа. Затоа акцијата не е само чистење отпад туку и обид за враќање на вредностите и на вниманието кон јавниот простор, кој ни припаѓа на сите – истакна Ѓорѓиевски.
Екоакцијата „Генералка викенд“ се спроведува во организација на „Мен енд маунтен“, а идејните творци, Гордана Софија и Јоханес Јекл, со гордост најавија дека бројот на волонтери секоја година е сè поголем. Акцијата започна вчера и ќе трае до недела.
(А. П.)