Трговијата помеѓу Македонија и Косово како докажни трговски партнери, мора да се одвива непрекинато, заклучија претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и неговиот косовски колега и претседател на Коморискиот ивестициски форум (КИФ), Лулзим Рафуна на средбата во Скопје, а на која се разговарало за нормализирање на протокот на прехранбени производи на македонско-косовската граница
Средбата беше иницирана од Азески заради надминување на проблемите со подолго задржување на македонски камиони кои транспортираат прехранбени производи на територијата на Косово, под изговор дека задржувањето е поради чекање резултати од лабораториски анализи.
– За конкретниот застој, да се надминат проблемите преку забрзување на протокот на камионите и наместо на меѓуграничниот простор тие да се насочат согласно законската регулатива во магацините и таму да се чека исходот од лабораториските анализи. Да се примени принципот на проценка на ризик при спроведување на физичка контрола на граничниот премин, а не да се врши контрола на секоја пратка поединечно. Да се иницира двете Влади преку надлежните институции (Агенциите за храна и ветеринарство), да работат на усогласување на сертификатите и нивно заемно признавање зашто е потребно усогласување со европската регулатива – соопштија од Одделението за информирање при СКСМ.
Заеднички заклучок од состанокот на Рафуна и Азески, е дека мора да се применат конкретни активности во согласност со политиките на Европската Унија и меѓународните договори, затоа што само така и двете држави ќе покажат дека се сериозни во однос на патот кон кој се насочени, а тоа е членството во Европската Унија.
– На состанокот, двајцата претседатели на коморите на Косово и Северна Македонија разговараа и за протокот на стоки и услуги кои со изградба на автопатната инфраструктура на Косово добија на интензитет и побрза диманика, а со зголемената функционалност на граничните премини на двете страни се потикнува зголемена ефективност. Останува да се заокружи уште патната инфраструктура на територијата на нашата држава, каде поради сеуште активните градежни работи се создаваат долги колони возила што го успорува протокот – потенцираа од македонската Комора.