Ребалансот на буџетот за 2026 година повторно ја отвора дебатата за состојбата на јавните финансии, реалноста на буџетските проекции и начинот на кој државата го покрива јазот меѓу приходите и расходите. Иако формално се работи за редовна фискална алатка, неговиот тајминг и контекстот укажуваат на посложени економски предизвици. Во време кога Министерството за финансии веќе ги започна подготовките за корекција на државната каса, синдикатите бараат повисоки плати, инфлацијата поради војната на Блискиот Исток повторно се разгорува, а за наплата достасуваат и обврските од претходните долгови. Поради тоа, сè погласни се предупредувањата дека ова нема да биде обична техничка измена на буџетските ставки, туку обид да се одржи рамнотежа меѓу јавните финансии и зголемените економски притисоци. Податоците дека за само четири месеци се искористени повеќе од 72 проценти од планираниот буџетски дефицит отвораат дилеми дали биле проекциите реални и колкав е просторот за нови расходи до крајот на годината.
Од Владата уверуваат дека ребалансот нема да го наруши животниот стандард, а министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вели дека нема да бидат засегнати капиталните инвестиции, редовната исплата на платите и на пензиите, ниту мерките за поддршка на граѓаните.
– Ребалансот на буџетот за 2026 година ќе биде насочен кон зачувување на животниот стандард и одржување на економската стабилност. Во овој контекст, нема да бидат засегнати ставките кои придонесуваат за економски раст и кои се реализираат во согласност со планираната динамика, особено капиталните инвестиции, како и мерките за поддршка на граѓаните насочени кон унапредување на животниот стандард – истакнува Димитриеска-Кочоска.
Според неа, Владата останува посветена на постепеното намалување на буџетскиот дефицит и на внимателното управување со јавниот долг, кој во првиот квартал од 2026 година изнесува 59,7 проценти од БДП.
Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, оценува дека е невообичаено толку рано да се отвора ребаланс на буџетот, бидејќи, како што вели, прекројувањето на државната каса најчесто се прави по септември. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој посочува дека во претходните години најчесто се крателе средствата за капитални инвестиции, а парите се пренаменувале за плати, субвенции и за социјални трошоци.
– Невообичаено е толку рано да се пристапува кон ребаланс на буџетот. Обично прекројувањето на државната каса се прави по септември. Во претходните години, најчесто се кратеа средствата за капитални инвестиции, а се пренаменуваа за субвенции, плати и за социјални придонеси. Сега власта вели дека нема да се кратат платите, пензиите и социјалните давачки. Можам да го разберам тоа само ако се пред избори. Тука се поставува прашањето зошто воопшто се прави ребаланс ако не се кратат јавните расходи. Во таков случај, останува повторно задолжување – изјави за весникот ВЕЧЕР Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Владата уверува дека успешно се справува со последиците од војната во Иран и изнесува оптимистички прогнози за инфлацијата, економскиот раст и за јавниот долг, но глобалните економски случувања не оставаат многу простор за оптимизам.
– Владата, секако, ќе треба да се задолжи за да ги исплати достасаните обврски од претходните долгови. Народната банка веќе ги намали прогнозите за економски раст на 3,5 отсто и инфлацијата на 4 отсто. Ако не се задолжи Владата со ребалансот, тогаш ќе мора да зема од едни за да дава на други, бидејќи таа не создава пари. Сите денешни долгови се идни даноци. Македонија допрва ќе ги отплаќа и долговите за изградбата на коридорите 8 и 10. Парите за тие автопати ќе ги плаќаме ние, а ќе ги користат идните генерации – додава Хајредини.
Според поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, формално, ребалансот е редовна алатка што ја користат сите влади, но суштинското прашање е дали државата успева да ги реализира планираните приходи и како ќе го финансира јазот меѓу приходите и расходите.
– Во моментов, според информациите и изјавите од Министерството за финансии, Владата најавува дека ребалансот ќе биде насочен кон фискална консолидација, иако буџетот за 2026 година веќе е поставен со дефицит од околу 3,5 отсто од БДП, што значи дека задолжувањето е однапред вградено како инструмент за финансирање на буџетскиот дефицит. Според податоците од Министерството за финансии, буџетот за 2026 година е планиран со приходи од околу 374,9 милијарди денари, расходи од 414,2 милијарди денари и дефицит од околу 39,2 милијарди денари. Дополнително, достасаните, а неплатени обврски во март 2026 година достигнале околу 676 милиони евра, што укажува на сериозен ликвидносен притисок. Анализата на реализацијата на буџетот во првите месеци од 2026 година покажува дека приходите се реализираат со околу 78,8 отсто од планираното темпо, додека расходите речиси целосно се реализираат според планот, што укажува на заостанување на приходната страна. Во такви услови, доколку нема поголема контрола на расходите или подобра наплата на приходите, извесно е дека ќе има потреба од дополнително задолжување или создавање нови обврски. Притоа, клучно е дали ќе се насочува задолжувањето кон капитални инвестиции што создаваат раст или кон покривање тековни потреби – вели Миноски за весникот ВЕЧЕР.
И покрај тоа, дел од граѓаните не чувствуваат значително подобрување на животниот стандард, а ограничените антикризни мерки, нискиот раст на реалните плати и доцнењето на одредени исплати дополнително ја зголемуваат перцепцијата за притисок врз буџетот.
– Поради тоа, неопходно е внимателно управување со јавните финансии во услови на глобална неизвесност и забавен економски раст. Клучни ќе бидат подобрувањето на наплатата на приходите, намалувањето на сивата економија и поголемата фискална дисциплина, во спротивно, ребалансот може да биде вовед во нов циклус на задолжување и зголемен притисок врз јавниот долг – додава Миноски.
Ребалансот се отвора во услови на засилени економски притисоци, очекувања за поголеми социјални трошоци и потреба од одржување на фискалната стабилност. Додека Владата уверува дека ќе остане фокусирана на заштитата на животниот стандард и на постепеното намалување на дефицитот, поранешните министри за финансии предупредуваат дека клучен предизвик ќе бидат реализацијата на приходите и начинот на финансирање на буџетскиот јаз. Исходот од ребалансот ќе покаже дали се движат јавните финансии кон консолидација или кон нов циклус на задолжување.
(А. С.)












