Новата постановка на „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ ја преиспитува денешната стварност преку лепеза карактери заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот. Претставата „Девојките на Марко“, пак, според Синиша Евтимов, е за ведрата страна на животот, за пријателствата, нивните значења во моментите кога го одредуваат патот во остатокот од животот…

 

„Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ и „Девојките на Марко“ во режија на Синиша Евтимов се двете нови претстави кои во моментот се подготвуваат за љубителите на театарската уметност.

Новата постановка на „Три сестри“, според истоимената драма на А. П. Чехов, која ќе биде претставена на сцената на Македонскиот народен театар, ја преиспитува денешната стварност преку лепеза карактери заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот. Претставата отвора прашања за распаѓањето на општествените вредности, емиграцијата, осаменоста и чувството на живот во постојано одложена иднина.

– Во овој новонастанат текст, инспириран од истоименото дело на Чехов, сцената станува простор за соочување со кризите на нашето време – ерозијата на хуманизмот, пропаѓањето на надежта и постепеното уништување на интелигенцијата во современото општество. Преку судбините на ликовите, претставата проговорува за генерации кои живеат помеѓу желбата за бегство и неможноста да се замине, меѓу љубовта и разочарувањето, помеѓу личниот пораз и поширокото општествено распаѓање, велат од Македонскиот народен театар. Претставата е за распадот на едно семејство и едно време, но и за пошироката криза на светот во кој знаењето, мислата и хуманизмот стануваат сè помаргинални вредности. Истовремено, ова е и претстава за упорниот човечки обид, и покрај сè, да се сочува достоинството и вербата дека е можен поинаков свет.

Во претставата играат: Дарја Ризова како Ирина; Наталија Теодосиева го игра ликот на Маша; Олга –  Верица Недевска; Андреј –  Дамјан Цветановски; Александар –  Благој Веселинов; Иван –  Емил Рубен; Игор –  Ивица Димитријевиќ; Наташа –  Нина Деан и Никола –  Антонио Ташковски.

Текстот е на Васил Христов и на Витошевиќ, драматургијата на Викторија Рангелова-Петровска, сценограф е Никола Тороманов, костомографка Роза Трајчевска, а композитор Огнен Анастасовски.

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, пак, во полн ек се пробите за новата претстава „Девојките на Марко“ според „Боинг боинг“ од Марк Камолети, во која ќе игра поголемиот дел од ансамблот на театарот.

„Девојките на Марко“ е текст напишан пред 60 години и до ден-денес успешно „живее“ на сцените  ширум светот. Она што е фасцинантно околу овој текст е што влезе во Гинисовата книга на рекорди како најмногу поставуван француски текст воопшто.

Според режисерот Синиша Ефтимов, во прилепската верзија во „Девојките на Марко“ има асимилација на ликовите  и на топонимите, а дејството е современо и модерно.

– Прилеп од иднината или подобро кажано, Прилеп од паралелен универзум.  Заплетот ќе биде многу едноставен и проектиран околу животот на еден успешен млад човек, Марко, неговите проблеми со три девојки, со кои тој се забавува, во прецизно време, внимателно испланирани, со цел тие никогаш да не се сретнат. Сите три се стјуардеси со свои планови за летање, кои не се поклопуваат, се разбира, до кобниот ден кога тоа ќе се случи… Претставата ќе биде за ведрата страна на животот, за пријателствата, за нивните значења во моментите кога го одредуваат патот во остатокот од животот. Претстава која ќе донесе свежина во  репертоарот на прилепскиот театар – вели во експликацијата за претставата режисерот Евтимов. За весникот ВЕЧЕР, тој потврди дека подготовките се во полн ек и се одвиваат според предвидениот тајминг, а премиерата е закажана за 27 мај.

– Сметам дека направивме претстава која долго ќе се игра на сцената на Прилепскиот театар, посочи Евтимов.

Инаку, ова ќе биде втора премиера на претстава на театарот „Војдан Чернодрински“ од годишната програма за 2026 година.

 

ИЗДВОЕНИ