вторник, септември 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Ако Иран не продава нафта, никој во регионот нема да продава“

„Ако Иран не продава нафта, никој во регионот нема да продава“

1

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, денеска предупреди дека ниту една земја во регионот нема да може да продава нафта доколку на Иран му се оневозможи нејзиниот извоз. Тој додаде дека ниту една инфраструктура во регионот нема да биде безбедна доколку не се гарантира безбедноста на Иран.

„Во регион каде што ние не продаваме нафта, никој нема да продава нафта, а ако нашата безбедност не е загарантирана, ниту една инфраструктура нема да биде безбедна“, изјави Галибаф на отворена седница на парламентот, како што пренесе агенцијата „Мер“.

Осврнувајќи се на ставовите на САД во врска со Ормускиот теснец и минувањето на бродови низ тој воден пат, тој ги опиша таквите изјави како повторување на претходни тврдења и нагласи дека САД и другите земји треба да бидат свесни каков би бил одговорот на Иран.

Галибаф изјави дека „ерата на заплашување и закани“ кон Иран е завршена и дека одговорот на Исламската Република на „каква било агресија или авантуризам ќе биде цврст, прецизен и брз“. Тој оцени дека сите потенцијални обиди на САД да наметнат поморска блокада, да ги затворат воздушните коридори или да извршат притисок врз иранските трговски патишта ќе доживеат неуспех, повикувајќи се на искуството на Иран од војната со Ирак.

Тој исто така изјави дека Иран не „поттикнува војна“, но нема да се двоуми да ја брани својата безбедност, достоинство и права, додавајќи дека ниту една закана нема да ја принуди земјата да се повлече. Осврнувајќи се на домашните прашања, Галибаф ги повика иранските функционери да го заштитат животниот стандард на населението – особено куповната моќ на работниците, вработените и пензионерите – и да го реформираат системот за снабдување со храна. Тој оцени дека, во сегашните околности, на Иран му се потребни брзо носење одлуки, навремено дејствување и зајакнување на националната солидарност.

ИЗДВОЕНИ