Поранешниот македонски ракометен репрезентативец, Филип Миркуловски, почнува нова епизода во својата кариера откако беше назначен за селектор на новоформираната ракометна репрезентација за играчи до 13 години. На популарниот Жути, кој веќе е на функцијата спортски координатор на сите национални селекции при РФМ, му е доверена работата со убедливо најмладите, со цел прво да го обликува нивниот талент, а подоцна да им ги предаде на своите колеги. Формирана е и селекција за играчи до 15 години, која ќе ја предводи Никола Матлиески.

Од РФМ потврдија дека машката сениорска репрезентација ќе добие премија од два милиони денари како награда за настапот на ЕП 2026 во Хернинг, Данска, а истовремено беше верификуван и новиот тригодишен договор со селекторот Кирил Лазаров (до 2029 година), со цел да се обезбеди континуитет во работата на националниот тим. На оваа седница на Управниот одбор при РФМ, Лазаров реферираше и за настапот на селекцијата на Европското првенство, кое се одржа во Данска, Норвешка и во Шведска, во јануари годинава, а на кое Македонија не успеа да ја помине групата и заврши на 14. место.

Тој истакна дека жали за пропуштената шанса, поточно за пропуштената шанса за победа над Португалија, која, можеби, ќе ни ги отвореше вратите за пласман во топ-12, што ќе беше само блиц-резултат. Рече дека пласманот во топ-10 е нешто нереално и ако има некој таков што може да го замени, да повели да дојде, тој со задоволство ќе ја напушти репрезентацијата.

  • Ако има некој да ја води Македонија и да вети дека може да ја однесе до топ-10 на големите натпреварување, слободно нека дојде на мое место. Но, верувајте дека е поинаква реалната слика. Од ова ЕП го извадивме максимумот, жалиме за последниот напад за победа против Португалија, за пласман во тие нереални топ- 12, но среќни сме што добивме коректни противници на бараж-мечот за СП 2027, кои не сакам да ги потценам. Треба квалитетно да се одигра. Направиме добра база на играчи, националниот тим обединува, треба сите да работиме за да постигнеме добри репрезентации – рече Лазаров.

За пласман на Светското првенство во 2027 година, во баражот, Македонија ќе ги одмери силите со подобриот од дуелот меѓу Словачка и Украина. По сè изгледа, тоа ќе биде селекцијата на Словачка, која славеше на првиот бараж-меч, на гостински терен, над Украина со 27:24.

ИЗДВОЕНИ