Родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“, на последниот марш во Кочани реагираат на коментарите на обвинетите и на нивните бранители во големиот предмет и на атмосферата во судницата на судењето против 13 полицајци кои кобната вечер, на 16 март, биле во контрола. Велат дека настанал вербален конфликт помеѓу нив и роднините на обвинетите полицајци и им порачуваат дека жртвата не можат да ја споредуваат – едно е тоа што спасувале таа ноќ, но друго е тоа што не ги извршувале работните обврски, велат родителите на последниот Марш на ангелите.
„Дали секој што имал службени обврски ги извршил како што се очекува од институција, во судница слушавме расправа за минути, дали било 2.22 или 2.23 , кој кому се јавил и колку пати, кој дал усна наредба, кој не потпишал писмена. Во еден момент се доби впечаток дека најголемата трагедија не било тоа што 63 луѓе не се вратија дома, туку што часовникот не бил доволно прецизен. Секоја службена обврска и одлука пред тие минути има право на објаснување, но секоја секунда и минута за некого значел живот. Прашањето не е што се правело пред да почне пожарот, прашањето е дали било направено сè што било должност да се направи за воопшто да не дојде до него. Тоа не е напаѓање на чинот на спасување, тоа е прашањето за превенцијата“, вели Розета Џамова, сестра на починато момче.
Александар Наунов, претседател на здружението „16 март 2025 Кочани“, од пред Судот во Кочани изјави дека никој не бара пресуда без докази, ниту некој бара улицата да суди.
„Не бараме однапред пресуда, бараме одговори, сериозност и достоинство и одговор на едно едноставно прашање – дали секој што имал должност ја извршил совесно, професионално и во рамките на своите овластувања, бидејќи за едни, ова се минути листинзи и процедури, за други, ова е живот што веќе никогаш нема да се врати, рече Наунов, кој ја изгуби својата ќерка во пожарот.
Родителите реагираат на коментарите во јавноста дека обвинението било обемно, па ги потсетија дека и времето било долго на непостапување повеќе од една деценија.
„Се зборува дека судењето ќе траело долго и оти едно рочиште државата ја чинело 100 илјади евра, навистина, еве, да пресметаме – колку чини една изгубена матурска вечер, колку чини диплома што никогаш нема да се земе, свадба што никогаш нема да се случи, колку чини недопрена соба затоа што никој нема сила да ја среди дома, на дете што никогаш нема да го запознае својот родител, роденден што нема да се слави. Но, тие трошоци не влегуваат во буџетска табела, не се мерат во евра, не се судска пресметка, вели Наунов. (П. А.)












