понеделник, август 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА АД ЕСМ потпиша договор со косовски KEK за снабдување со висококвалитетен јаглен...

АД ЕСМ потпиша договор со косовски KEK за снабдување со висококвалитетен јаглен во наредните три години

1

По интензивни преговори помеѓу двете најголеми државни компании и врз основа на Одлука на Владата, АД ЕСМ склучи тригодишен стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК со кој АД ЕСМ доби концесија во рудникот во Обилиќ и можност за експлоатација на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци, информираа од компанија. Договорот официјално го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани.

 -Партнерството предвидува гарантирана и фиксна цена од 24,4 евра по тон јаглен за времетраење на договорот, со точно дефинирани параметри за квалитет кои ќе бидат основа за купопродажба. Загарантираните количини и договорната цена, ќе овозможат директна заштита на домашниот енергетски систем од недостаток на квалитетен јаглен за генерирање на електрична енергија во термоелектраните, но и заштита од неизбежните чести и драстични осцилации на цените на енергенсите на меѓународните берзи. Дополнително, тоа ќе ѝ овозможи на Компанијата огромни финансиски заштеди со набавка на јаглен по најповолна можна цена и со супериорни карактеристики во однос на сите досегашни набавки. Согорувањето на косовскиот јаглен значително ќе ја зголеми ефикасноста на термоелектраните. Ова директно ќе донесе дополнително годишно производство од 800 GWh електрична енергија и приход од околу 57 милиони евра. Финансискиот ефект дополнително ќе се подобри со заштедите од намалената потреба за користење мазут при согорувањето, велат од АД ЕСМ.

Оттаму додаваат дека државата ќе оствари и индиректни еколошки придобивки и финансиски заштеди, со годишно намалување на CO2 емисиите за 923.000 тони поради помалку согорен јаглен и за уште 55.980 тони поради намалената употреба на мазут. Имајќи во предвид дека околу 70% од вкупното годишно производство на електрична енергија, во моментов, но и во наредните три години ќе ни доаѓа од термоелектраните, додаваат, со потпишувањето на договорот, АД ЕСМ обезбедува релативно долгорочна енергетската безбедност и стабилност за граѓаните и за индустријата.

 -За време на тековната консолидација на рудниците, за непречено реализирање на годишните планови за производство на електрична енергија за периодот 2027 – 2030 година, проценетите годишни потреби од набавка на јаглен како надополнување на оние од домашно производство, изнесуваат околу 1,4 милиони тони или 600.000 тони за ТЕ Осломеј и 800.000 тони за ТЕ Битола. Врз основа на прецизни логистички и инфраструктурни анализи за пропусноста на граничниот премин Блаце кој овозможува дневен транзит од максимум 120 камиони или околу 3.000 тони јаглен дневно, реалната максимална годишна количина што може да се очекува да се доставува од КЕК, изнесува околу 800.000 тони. Косовскиот басен на јаглен во Обилиќ се вбројува во едно од најголемите наоѓалишта на висококвалитетен лигнит во Европа и светот. Лабораториските испитувања потврдија дека овој јаглен поседува одлични согорувачки карактеристики, со исклучително ниска содржина на сулфур и пепел, и просечна калориска вредност од околу 1950 kcal/kg. Овие карактеристики идеално се вклопуваат во оптималниот опсег за калоричност од 1800–2400 kcal/kg, содржина на сулфур под 1% и пепел под 20% – параметри по кои се димензионирани котлите во ТЕ Битола и ТЕ Осломеј, изјави генерален директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

Тој додаде дека најдоцна до крајот на овој месец ќе биде објавен Оглас согласно Законот за јавни набавки, за избор на економски оператор кој за потребите на компанијата, наредните три години ќе ги реализира целокупните услуги за ископ, анализа на квалитет и утовар на јагленот од предвидените откопни полиња во рудникот во Обилиќ како и транспорт, шпедиција и истовар на јагленот на депониите во термоелектраните ТЕ Битола и ТЕ Осломеј.

 -Со финализација на изборот на економскиот оператор и неговото воведување во работа, договорот со косовскиот партнер и официјално ќе влезе во сила и ќе започне неговата оперативна реализација. Паралелно со набавките на јаглен, спроведуваме интензивен план за целосна ревитализација на рударската механизација и санирање на занемарените деформации на ископните полиња настанати во минатото. Во рудниците во РЕК Битола има достаточни количини на јаглен кои согласно плановите и проектите, до крајот на 2027 год. ќе можеме без застои да ги експлоатираме и со тоа целосно да ја анулираме потребата од дополнителни количини на јаглен од останати добавувачи. За жал, рудниците ни беа систематско уништувани во период од 7 години заклучно со август 2024 год. со ископ само на јаглен и многу малку на јаловина, менаџирање на рудниците надвор од сите основни и дополнителни рударски проекти, со целосно занемарување на основната и помошната механизација и БТО системите, со нерастеретување на привремените одлагалишта, без активности за санација на појавените пукнатини и нарушената стабилност на откопните полиња, рече Узунчев.

Според него, дополнителен ограничувачки фактор е и фактот што експлоатационите резерви во нашите рудниците содржат јаглен со калоричност не повисока од 1600 kcal/kg, а сличен е квалитетот и кај геолошките резерви. Партнерството со државната косовска енергетска компанија, која е еден од позначајните стопански субјекти во регионот на Западен Балкан, вели Узунчев, овозможува брзо и сигурно чекорење кон нашата крајна цел – Македонија да стане континуиран нето-извозник на електрична енергија.

 

 

ИЗДВОЕНИ