АБА-лигата се најде во сериозна криза откако судиите ја одбија понудата од раководството на регионалното натпреварување. Според српски „Спорт клуб“, доколку не се најде итно решение за судењето во второто коло, целата сезона би можела да биде доведена во прашање. Најголемиот проблем е финансискиот спор меѓу лигата и 63 судии кои со години ги водат натпреварите во регионалното натпреварување. Голем дел од нив истовремено судат и во Евролигата и Еврокупот, па нивната брза замена би била исклучително тешка.

Првото коло веќе беше одложено, а ново одложување може да предизвика уште посериозни последици. Доколку не се одигра и второто коло, постои можност АБА-лигата да се соочи со суспензија и потенцијални барања за отштета.

Во особено незгодна ситуација би можеле да се најдат клубовите сопственици на лигата, бидејќи АБА е регистрирана како јавно трговско друштво.

Клучот за решавање на кризата во моментов е во преговорите меѓу раководството на лигата и судиите. Според неофицијалните информации, АБА-лигата нуди 630 евра по натпревар, додека судиите бараат 800 евра.

Како можен компромис се споменува сума од околу 700 евра по натпревар, што би значело дополнителен трошок од помалку од 40.000 евра за првата фаза. На тој начин, релативно мала финансиска разлика во споредба со вкупниот буџет на натпреварувањето во моментов може да биде клучна за неговата иднина.

Според распоредот, во второто коло треба да се одиграат десет натпревари, меѓу кои и дуелите ФМП – Црвена звезда, Партизан – Мега и Виена – Клуж.

Доколку страните не постигнат договор, кризата би можела дополнително да се продлабочи и да отвори сериозни прашања за продолжувањето на сезоната и статусот на клубовите кои настапуваат и во Евролигата и Еврокупот.

ИЗДВОЕНИ