Со десетте агротехнолошки станици е обезбедена целосна покриеност на околу 4.500 хектари овошни насади, а земјоделците добиваат прецизни податоци во реално време за временските услови и за состојбата на почвата, што им овозможува подобро да ги планираат активностите и поефикасно да ги користат ресурсите
Делегацијата на Европската Унија, преку програмата „ЕУ за Преспа“, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), националните и локалните институции, обезбеди финансирање на систем одржливи земјоделски практики, заштита на природните ресурси и создавање нови економски можности за населението во Преспанскиот Регион. Преку програмата се инсталирани и 10 агротехнолошки станици, со кои е обезбедена целосна покриеност на околу 4.500 хектари овошни насади, а земјоделците добиваат прецизни податоци во реално време за временските услови и за состојбата на почвата, што им овозможува подобро да ги планираат активностите и поефикасно да ги користат ресурсите.
Воедно, преку обука, директна поддршка добија 145 земјоделци, а за 88 земјоделци беа обезбедени менторство, планови за анализа на плодноста на почвата и наводнувањето, како и современа земјоделска опрема. Одржливите земјоделски практики се применуваат на повеќе од 395 хектари обработлива површина, вклучително и преку автоматизирани системи за наводнување, механизација, агрофотоволтаични единици, саден материјал и противградни мрежи.
– Нашата цел е земјоделецот директно да ги почувствува придобивките од зелената и од дигиталната трансформација преку помала потрошувачка на вода, пониски трошоци, подобра заштита на производството и поголема конкурентност. Преспа денес покажува дека одржливото земјоделство не е само еколошка определба туку и економска можност. Успешните практики што ги гледаме овде треба да бидат модел што постепено ќе го пренесуваме и во другите региони во земјата – истакна Албрим Хоџа, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Еваут Сандкер, раководител на сектор во Делегацијата на ЕУ, истакна дека пристапот на проектот „ЕУ фор Преспа“ ги обединува заштитата на водите, отпадот и на почвата, грижата за биодиверзитетот, одржливото земјоделство и создавањето локални вредности.
– ЕУ овозможува и практични придобивки на терен: земјоделците добиваат алатки, обуки и опрема, кои придонесуваат за подобрување на производството и на отпорноста додека истовремено ги штитат природните ресурси. Успехот произлегува од соработката меѓу локалните власти, земјоделците, институциите, бизнисите, граѓанското општество и меѓународните партнери – изјави Сандкер.
Исто така, претставен е и првиот заеднички „брендинг“ на локалните производи под мотото „Една е Преспа – заедница што создава“, со цел зголемување на препознатливоста и конкурентноста на производите од Преспанскиот Регион и создавање поголема доверба кај потрошувачите.
– Програмата „ЕУ за Преспа“ покажува дека заштитата на природата и економскиот развој може да одат заедно. Кога имаат земјоделците пристап до знаење, технологија и современа опрема, одржливоста станува конкретна и мерлива придобивка, и за локалната економија и за животната средина – потенцира Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава.
Програмата „ЕУ за Преспа“, финансирана од Европската Унија, имплементирана од УНДП, во партнерство со националните и со локалните институции, се реализира од 2024 година, со поддршка за интегриран пристап кон одржливиот развој на Преспа.












