Македонскиот кардиолог и алпинист Сашко Кедев влезе во Гинисовата книга на рекорди како највозрасен човек кој ги искачил сите 14 планински врвови во светот повисоки од 8.000 метри. Историскиот подвиг го комплетирал на 20 јули 2025 година, кога го освоил Гашербрум I во Пакистан, висок 8.080 метри. Тогаш имал 63 години и 14 дена.
Со ова достигнување, Кедев стана првиот Македонец кој ги освоил сите 14 светски осумилјадници, а неговиот рекорд е официјално потврден од Еберхард Јургалски, консултант на Гинис за планинарски рекорди.
Патот до еден од најголемите предизвици во светскиот алпинизам траел повеќе од 16 години. Кедев го започнал во мај 2009 година со искачувањето на Монт Еверест, највисокиот врв на планетата, а потоа продолжил да ги поместува границите на сопствените можности.
Особено успешна била 2022 година, кога во период од само една недела ги освоил К2 и Броуд Пик. Во 2023 година искачил уште три осумилјадници, а во 2024 година успеал да стигне до врвовите на Макалу, Лхотсе, Гашербрум II и Шиша Пангма. Во мај 2025 година ја освоил и Канченџунга, по што му останал уште еден врв до комплетирање на историскиот подвиг.
На Кедев му се припишува и уште еден исклучителен рекорд – тој е највозрасната личност која ги комплетирала двата големи алпинистички предизвика: искачувањето на сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри и „Седумте врвови“, односно највисоките планини на сите седум континенти.
Вториот подвиг го остварил во периодот од 14 јануари 2008 година, кога го освоил Аконкагва во Јужна Америка, до 6 ноември 2011 година, кога го искачил Пункак Џаја, познат и како Пирамида Карстенц, во Океанија.
За признавање на рекордот за 14-те осумилјадници било неопходно да се потврди дека Кедев ја достигнал највисоката природна точка на секој од врвовите, а не само некоја блиска точка до врвот.
Неговите достигнувања добија признание и во Македонија. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во ноември 2025 година го одликуваше Кедев со Орден „8 Септември“ за особените заслуги во медицината и историскиот алпинистички подвиг, како прв Македонец кој ги искачил сите 14 светски врвови повисоки од 8.000 метри.












