Кризата во европската автомобилска индустрија сè посилно се одразува и врз македонските производствени капацитети, особено врз компаниите што се дел од синџирот на набавувачи за големите европски производители. Намаленото производство на автомобили, послабите нарачки и неизвесноста на европскиот пазар создаваат притисок врз дел од фабриките во земјава. Сепак, состојбата не е иста кај сите компании. Додека некои се соочуваат со намален обем на работа и финансиски тешкотии, други најавуваат добри резултати и очекуваат рекордно производство.
Меѓу компаниите со позитивни очекувања е „Костал“, кој најавува рекордно производство. Позитивни сигнали доаѓаат и од генералниот директор на компанијата, Виктор Мизо, кој посочува дека „Костал“ очекува рекордна година во Македонија, и покрај предизвиците со кои се соочува европската автомобилска индустрија.
Мизо, кој во моментов престојува во Кина, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека таму работите се одвиваат многу добро, додека европските компании што работат на кинескиот пазар се соочуваат со сериозни предизвици. Тој посочува дека „Костал“ има седум фабрики во Кина и соработува со кинески и глобални партнери. Искуството од тој пазар, според него, покажува дека европската автомобилска индустрија има многу што да научи од кинескиот пристап.
– Кина е понапредна во автомобилската индустрија, а компаниите таму работат побрзо, поефикасно и носат поодлучни деловни одлуки. Европските производители треба побрзо да се приспособуваат на промените, особено на трансформацијата што ја носи преминот кон електрични возила. Промените нема да влијаат подеднакво врз сите производители на компоненти. Дел од деловите што се поврзани исклучиво со моторите со внатрешно согорување може да се соочат со намалена побарувачка, додека компонентите што се користат и кај класичните и кај електричните возила, како автомобилските седишта, и понатаму ќе бидат потребни – вели Мизо.
Тој признава дека дел од македонските компании од автомобилскиот сектор може да се соочат со проблеми, но не сака да коментира за состојбата во други компании. Наместо тоа, посочува дека треба да се гледа пошироката слика и промените на глобалниот автомобилски пазар.
На проблемите со кои се соочуваат дел од домашните компании укажува и Игор Герасов, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Тој посочува дека падот на производството кај европските автомобилски производители веќе се одразува врз домашните компании што се нивни набавувачи, а како пример ја наведува „Кромберг и Шуберт“.
– Дополнителен проблем има и во „Кромберг и Шуберт“, каде што се намалени нарачките поради падот на производството на нови автомобили на „Ауди“ и „Фолксваген“. Автомобилската индустрија во Европа се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои намалување на асортиманот на модели, затворање фабрики и отпуштање работници. Последиците директно се чувствуваат и кај нашите компании што се дел од синџирот на набавувачи – изјави Герасов за весникот ВЕЧЕР.
Дополнителен притисок врз работењето на „Кромберг и Шуберт“ создаваат и проблемите со производствените капацитети на компанијата во Украина. Според објавените информации, по руските напади во текот на годинава, фабриките на компанијата во „Луцк“ и во Житомирската област го прекинале производството. Ова не е само локален проблем, бидејќи украинските погони произведуваат автомобилски електрични инсталации за повеќе големи производители. Проблемите со снабдувањето веќе се одразиле и врз производството кај дел од клиентите во други европски земји, меѓу кои „Бе-ем-ве“ и „Шкода“, кои морале да приспособуваат производствени смени и планови поради недостиг од компоненти.
Овие случувања покажуваат колку се меѓусебно поврзани производствените капацитети во автомобилската индустрија и колку проблемите во една фабрика можат да предизвикаат последици низ целиот синџир на снабдување. За македонските компании што работат како набавувачи, тоа значи дека нарачките и обемот на производство не зависат само од состојбата на домашниот пазар туку и од производствените планови и проблемите на нивните клиенти во Европа.
Состојбата покажува дека кризата во европската автомобилска индустрија не се одразува подеднакво врз сите домашни компании. Додека оние што се директно зависни од нарачките на европските производители се соочуваат со намалена работа, други успеваат да одржат раст и да ги зголемат производствените капацитети. Сепак, неизвесноста на европскиот пазар, промените во автомобилската технологија и засилената конкуренција од Кина остануваат важни фактори што ќе ја определуваат иднината на македонската автомобилска индустрија.
(А. С.)












