среда, ноември 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Кос со јасни услови за Македонија – уставните измени се клучот

Кос со јасни услови за Македонија – уставните измени се клучот

0

Европската комисија нотира напредок во спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст, но оценува дека нема поместување во однос на уставните измени. Корупцијата и понатаму е распространета, а борбата против неа бележи ограничени резултати. Брисел бара посилни реформи во правосудството, владеењето на правото и јавната администрација. Во извештајот повторно се нагласува потребата од спроведување на договорите со соседите, додека во Европскиот парламент се отвори дебата за влијанието на билатералните прашања врз проширувањето. Македонија останува во групата земји кај кои пристапниот процес бележи застој

ЕВРОКОМЕСАРКАТА ГИ ПРЕЗЕНТИРАШЕ ИЗВЕШТАИТЕ ЗА НАПРЕДОКОТ НА ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТИ, ЗЕМЈАВА НЕ Е ВО ТОП 4

 

Европската комисија, во најновиот Извештај за напредокот на Македонија, повторно ги нотира уставните измени како клучен услов за придвижување на евроинтегративниот процес, а борбата против корупцијата останува една од најсериозните слабости на земјата. Брисел забележува дека нема напредок во усвојувањето на уставните измени предвидени со Заклучоците на Советот од 2022 година, додека корупцијата и понатаму е распространета, а случаите на корупција на високо ниво често се соочуваат со одложувања и застаруваат. Во извештајот се наведува и дека заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања одржа четири состаноци во периодот од септември 2025 до март 2026 година, но без опипливи резултати. Ограничен е и напредокот во правосудството, а политичката поларизација продолжува да го забавува усвојувањето на важни реформски закони.

Сепак, Извештајот нотира и позитивни поместувања. Македонија продолжува со спроведувањето на Реформската агенда и активно се вклучува во Планот за раст за Западен Балкан, при што е забележан значителен напредок во исполнувањето на дел од реформските обврски. Одреден напредок е постигнат и во реформата на јавната администрација, особено во проширувањето на електронските услуги, додека земјата ја задржува целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Во делот на добрососедските односи, Европската комисија повторно инсистира на спроведување на договорите со Грција и Бугарија, со посебен акцент на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и неговиот Протокол.

– Северна Македонија продолжи со работата на подготовка на неопходните документи за исполнување на почетните одредници за отворање на Кластерот 1 („Темели на пристапниот процес“). Не беше постигнат напредок во насока на усвојување на соодветните уставни измени, како што се бара во Заклучоците на Советот од 2022 година. Потребно е да се спроведат суштинските реформи поврзани со Европската Унија. Северна Македонија активно се вклучи во новиот План за раст за Западен Балкан и ги интензивираше напорите за спроведување на четирите столба на планот: постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, суштински реформи и зголемена финансиска поддршка, стои во извештајот за напредокот на земјава.

Во текстот од извештајот се наведува и дека земјава одржувала добри односи со другите земји од процесот на проширување и продолжила со ангажманот во регионалните иницијативи, но се посочува и дека „постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од страна на сите потписнички, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“.

Македонија добива пофалба дека ја задржала целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, „вклучително и во однос на руската агресивна војна против Украина, испраќајќи силен сигнал за својата стратешка определба за пристапување кон ЕУ и покажувајќи се како доверлив партнер“.

– Северна Македонија покажа посветеност на реформите за ЕУ и на Реформската агенда и сега треба да ја покаже истата одлучност да се придвижи напред на евроинтеграцискиот пат. Условите се јасни. Северна Македонија треба да ја исполни својата обврска за уставни измени, како што е наведено во заклучоците на Советот на Европа од јули 2022 година. Европската комисијата ќе продолжи да ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон ЕУ. Нашата цел останува да го отвориме првиот кластер штом ќе се исполнат условите. Сега сè зависи од Северна Македонија, рече еврокомесарката за проширување, Марта Кос, претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година во Брисел и посочи дека билатералните прашања не се дел од процесот, но во исто време, треба да бидат решени.

Билатералните прашања надвор од процесот на проширување

Известувачот за земјава во ЕП, Томас Вајц, ја повика Кос да вложи дипломатски напори за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Вајц ги пофали Хрватска и Црна Гора за соработката и порача дека билатералните прашања не треба да влијаат на проширувањето. Тој предупреди дека блокирањето на земјите кандидатки поради билатерални спорови може да испрати негативна порака до целиот регион. Вајц побара Европската Комисија да вложи дипломатски напори за македонските и бугарските власти да седнат и да разговараат за надминување на спорот.

– Дел од билатералните прашања сега се на европско ниво, станува збор за вклучување на малцинствата, и во тој поглед треба да се реализираат уставните измени. Но, повторувам, единствениот начин да се излезе од тој ќорсокак е страните да разговараат меѓусебно – односно, владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат. И бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, Ве молам, комесарке, да вложите напори во оваа дипломатска насока, и порача Вајц на Кос.

Бугарските европратеници, пак, од друга страна, посочија дека добрососедските односи остануваат важен дел од процесот на пристапување и не претставуваат билатерални прашања. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, побара Европската Комисија да ги дефинира точно билатерални прашања.

– Ве молам не го користете билатерални прашања против земјите членки, рече Ковачев.

Кос рече дека на писмено ќе му образложат што се билатерални прашања и повтори дека билатералните прашања се важни, но не треба да бидат дел од процесот на проширување.

Борба против корупција и владеење на правото

Во областа на правосудството и основните права, Македонија има умерено ниво на подготвеност во примена на акито (acquis) и во европските стандарди во оваа област. Во целост, наведува извештајот, напредокот во оваа област е ограничен.

– Земјата постигна напредок во развојот на патоказот за владеење на правото, со која се утврдуваат заложбите за наредните години во однос на понатамошното усогласување со правните текови на ЕУ и зајакнувањето на институционалните капацитети – стои во извештајот.

Документот наведува дека земјава не постигнала напредок во борбата против корупцијата.

– Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата и понатаму е распространета и претставува прашање од сериозна загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година во однос на кривичните дела злоупотреба на службената положба и криминално здружување не ги решаваат соодветно штетните ефекти од измените од 2023 година и придонесоа за правна несигурност – се вели во извештајот.

Во документот се истакнува дека случаите на корупција на високо ниво и понатаму се соочуваат со одложувања и често застаруваат, што придонесува за перцепцијата на неказнивост.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, го презентира Пакетот за проширување за 2026 година, во кој се содржани извештаите на Европската комисија за десет земји кандидати за членство во Европската Унија.

Еврокомесарката говореше и за трите новости на процесот на проширување – патоказите за четирите земји со најголем напредок, новиот модел на постепена интеграција и нов фокус на интегрираната природа на европската безбедност.

При презентацијата, Кос истакна дека земјите кандидати се поделени во три групи: четирите земји фортранери (Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија), потоа БиХ, Косово и Македонија, како земји каде што има застој, додека Грузија, Турција и во последната година Србија, Кос ги одвои како земји кандидатки кои заостануваат.

Црна Гора останува предводник во процесот на проширување, а Европската комисија оценува дека земјата би можела да ги заврши пристапните преговори до крајот на годинава, откако ги исполнила завршните одредници во сите преговарачки поглавја. Комисијата го оценува нејзиниот напредок како доказ дека проширувањето на ЕУ сè уште е остварлива реалност, а нејзиниот пристапен договор би можел да послужи како модел за идните членки.  (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ