Оспорувањето на посебноста на македонската нација и на македонскиот јазик може да претставува форма на политички говор на омраза, предупреди денеска Ганка Цветанова од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа се обрати на почетокот од работата на научниот собир насловен „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и македонската нација како форма на политички говор на омраза“, во организација на овој Институт и на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ. Се работи за двегодишен проект чија основна цел беше критичка анализа на негирачките наративи насочени кон македонскиот национален идентитет и јазичната посебност. Во фокусот на учесниците особено беа наративите кои доаѓаат од соседната Бугарија, а со кои брутално се негира постоењето на посебноста на македонската нација и на јазикот.
Ганка Цветанова потенцира дека оспорувањето од страна на одредени политички елити од некои соседни држави вообичаено се засноваат на две негирачки тези: првата, дека македонската нација е лажна, измислена на крајот од Втората светска војна, како политички проект на Комунистичката интернационала и југословенските комунисти и втората, дека македонскиот јазик е измислен со декрет на АСНОМ во 1945 година.
– Не секое научно толкување на историјата и на настаните по дефиниција може да се категоризира како политички говор на омраза. Но, кога се ставаат овие негирачки наративи во одредени општествени и политички контексти, како што е, на пример, случајот со македонско-бугарските односи, во контекст на македонската евроинтеграција, тогаш тие стануваат дел од една политичка и идеолошка инструментализација и во таа смисла можеме да ги категоризираме како политички говор на омраза. Европските институции треба да сфатат дека овие негирачки наративи и говор на омраза предизвикуваат нетолеранција, непријателство меѓу државите, одреден вид дискриминација. Исто така, ја поткопуваат довербата во европските институции, која е поткопана и кај мене – нагласи Цветанова.
Според академик Катица Ќулавкова, политичкиот говор на омраза е веќе институционализиран.
– Бугарија сега ги користи потпишаните протоколи за да ја засили својата позиција и со сето тоа да се разниша македонската позиција. Тоа зборува дека се злоупотребува тој политички говор на омраза при блокадата на евроинтегративниот пат на Македонија и ние сме уникатен случај тука. Мислам дека Македонија во никој случај не смее да подлегне не само од националистички туку и од принципиелни меѓународни побуди. Мора да има институционален реципроцитет. Ако дојде до прифаќање на предлогот Бугарите да влезат во Уставот, а знаеме колку мало малцинство се, без да се внесат Македонците во бугарскиот Устав, тогаш ние нема да бидеме сигурни дека веќе нема да има никакви барања. А, не треба да има никакви барања повеќе – изјави Ќулавкова, додавајќи дека било голема грешка што се потпиша Вториот протокол со Бугарија и дека треба да отстапи Македонија од потпишаните договори.
Универзитетскиот професор Огнен Вангелов укажа дека бугарските позиции што беа содржани во нивната рамковна позиција од 2019 година, преку Вториот протокол практично станале дел од нашата преговарачка рамка.
– Таквата рамка отвора редици прашања што може да ги поставува Бугарија во текот на преговорите за пристапувањето и тие се фокусираат на промените во историското претставување, промените во претставувањето на македонскиот идентитет низ јавното претставување, промените во музеите, архивите, јазикот… Освен ова, самата бугарска Влада повеќе пати изјавуваше дека внесувањето на Бугарите во Уставот е само прв чекор за да се реализираат понатаму сите овие барања. Внесувањето на бугарската заедница во Уставот дава дополнителна институционална можност Софија да бара промени во историското претставување и надвор од тоа што ќе го договори Историската комисија. Софија може да бара и промени на одредени наставни програми или промена на одредени презентации на изразување на македонскиот идентитет преку наводната заштита на уставно реализираните права на бугарската заедница – предупреди Вангелов. (Б. Ѓ.)












