Во време кога падобранот сè уште бил новина, а скоковите вистинска авантура, на двајцата смели скопјани – Александар Трајковиќ и Константин Арсиќ им се отвориле падобраните и испишале страница од историјата на македонското воздухопловство. За жал, овој значаен настан, кој заслужуваше да биде одбележан со сите почести на 3 октомври 2026 година, помина речиси незабележано во нашата јавност. Но, за среќа, постојат и луѓе како Ѓорги Чачкиров, поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство, кој со долгогодишна истражувачка работа ја расветлува оваа приказна. Двајцата скопјани оставиле трага што времето нема да успее да ја избрише, затоа што ќе остане запишана на страниците на весникот ВЕЧЕР, кој, за една недела, на 11.11.1963 година, ќе прослави 63 години од излегувањето на првиот број

Ѓорги Чачкиров, поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство

 Пред еден век, кога било Скопје далеку помало, кога го немало денешниот метеж на улиците, а автомобилите биле вистинска реткост, жителите на градот имале можност да видат нешто што за многумина изгледало како чудо. Небото над Зајчев Рид станало голема воздушна сцена, а илјадници љубопитни очи биле вперени нагоре. Се одржувал голем аеромитинг, на кој воените авиони ги покажувале своите способности, изведувале опасни маневри, лупинзи, бришечки летови и други воздушни акробации. Но, она што особено ја кревало публиката на нозе биле падобранските скокови.

И не било тоа мала работа. Во време кога падобраните сè уште биле релативно нова и недоволно испитана технологија, двајца скопјани се осмелиле да се вивнат во височините и да му се препуштат на падобранот. Тоа биле Александар Трајковиќ и Константин Арсиќ, подоцна познат како Арсовски.

За жал, овој значаен настан, кој заслужуваше да биде одбележан со сите почести на 3 октомври 2026 година, помина речиси незабележано во нашата јавност. Но, за среќа, постојат и луѓе како Ѓорги Чачкиров, поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство, кој со долгогодишна истражувачка работа ја расветлува оваа приказна. Тој вредно, со години копа по архивите, пребарува документи и собира сведоштва за да го извади од заборав она што го градело нашето минато.

– Значајно е да се спомене дека од овие падобрански скокови биле меѓу првите дваесетина скока направени на просторот на тогашната кралска држава. Поголемиот дел од овие падобрански скокови биле изведени промотивно, главно од пробни падобранци на светски фабрики што почнале со производство на падобрани, во насока на реклама. Веродостојноста на настанот ја потврдив низ сериозни и долгогодишни истражувања. По повеќе од 90 години, успеав да пронајдам и соодветни документи за Александар Трајковиќ, но не и за Константин Арсиќ – вели Чачкиров за весникот ВЕЧЕР.

насловна на книгата „Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“

Тој ја има објавено оваа приказна и во книгата „Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“, која предизвика голем интерес на просторот на поранешна Југославија.

Од столарска работилница до небесните височини

Приказната за Александар Трајковиќ е приказна за едно време кога љубовта кон техниката, желбата за знаење и храброста можеле да го одведат човекот на сосема неочекуван пат. Роден во време кога воздухопловството сè уште ги правело своите први чекори, Александар уште од младоста покажувал интерес за техниката и за новите достигнувања. На 18-годишна возраст, почнал да работи како столарски работник во работилницата на извесен Милан Филиповиќ, во Прешевскиот срез. Но, очигледно, столарската работилница не била неговата крајна животна станица.

Сакал повеќе, сакал да учи, да напредува и да работи со техника. Така, во 1924 година успеал да се вработи како цивилно лице во тогашната Кралска војска. Најпрво службувал во Куманово, а подоцна и во Скопје. На почетокот работел како дневничар, односно бил ангажиран за дневница, но со текот на времето станал дел од постојаниот воен персонал.

Патот го одвел од пешадиските единици кон авијацијата, каде што добил можност да се преквалификува и да напредува. Станал резервен поднаредник со постојан работен однос во Кралската војска. И токму тука почнала неговата вистинска воздухопловна приказна.

Александар Трајковиќ

На само 22 години, Александар Трајковиќ го направил својот прв падобрански скок и засекогаш го запишал своето име во историјата на воздухопловството на овие простори. Чачкиров вели дека за овој падобрански скок, често зборувал и неговиот син, Владимир Трајковиќ, подоцнежен падобранец и пилот.

Toj 3 октомври 1926 година, на аеродромот кај Зајчев Рид во Скопје, се одржал голем аеромитинг, кој, според тогашните весници, привлекол повеќе од 10.000 посетители. За да се сфати колкав бил настанот, треба да се има предвид дека Скопје во тоа време броело околу 80.000 жители. Значи, на аеромитингот дошол речиси секој осми жител на градот.

Меѓу многубројните учесници бил и младиот поднаредник Александар Трајковиќ. Тој скокнал четврти по ред, од височина од 2.000 метри, а веста била објавена на 4.10.2026 година, во некои тогашни весници, како „Вардар“, „Време“, „Илустровани лист“ и други. Овој податок е особено важен, бидејќи во весникот „Време“ била наведена височина од 1.500 метри. Но, според истражувањата на Чачкиров, вистинската височина била 2.000 метри.

Да се скокне од таа височина во 1926 година, не било шега. Денес падобранството е спорт, рекреација, адреналин и забава, но тогаш било вистинско соочување со непознатото. Секој скок носел неизвесност, а довербата во падобранот била прашање на живот и смрт.

Уште поголем куриозитет, раскажува Чачкиров, е тоа што петти по ред скокнал уште еден скопјанец – Константин Арсиќ, подоцна Арсовски. Но, за разлика од Трајковиќ, кој бил припадник на Кралската војска, Арсиќ бил цивил, обичен граѓанин на Скопје, кој сам се пријавил за скокот. По кратка подготовка, тој се вивнал во воздухот и скокнал од височина од 1.200 метри.

Замислете ја само храброста на еден човек што во тоа време, без долгогодишна падобранска обука, се осмелил да го направи тој чекор! Тоа не било само обичен скок. Тоа било влегување во непознатото, со вера дека платнената купола над главата ќе се отвори и ќе го спушти безбедно на земја.

Публиката гледала, а ветрот ги однел падобранците подалеку

Интересно е што падобранските скокови во тоа време биле вистинска реткост. Падобраните сè уште биле во развојна и експериментална фаза и најчесто се користеле за спасување пилоти при оштетување или дефект на авионите. Во некои случаи, нивната исправност се испитувала со фрлање вреќи полни со песок.

Затоа не е ни чудо што присутните на скопскиот аеромитинг ги следеле скоковите со неверување. За многумина тоа било прво такво искуство. Гледале како излегуваат луѓе од авион и се фрлаат во празнината, а потоа се отвора голема падобранска купола над нив.

Но, природата си го направила своето. Посилниот ветар ги однел падобранците подалеку од местото на скокање и надвор од видното поле на публиката. Може само да се замислат возбудата, неизвесноста и прашањата што се вртеле меѓу луѓето: каде слетаа, дали се добро, дали сè помина како што треба? Во тие мигови, падобранството сигурно изгледало како нешто од научнофантастичните приказни, а не како нешто што го прават двајца нивни сограѓани.

Чачкиров посочува дека падобранците не биле единствената атракција на овој голем воздухопловен настан. На аеромитингот учествувале бројни воени авиони, но и еден цивилен авион на Обласниот одбор на аероклубот на државата СХС во Скопје. Публиката имала можност првпат да види воздушни акробации, кои дотогаш биле речиси незамисливи за обичниот човек. Летале авиони на грб, изведувале бришечки летови, лупинзи и разни други маневри. На небото се случувало вистинско летање со полни гради.

– Од скопската воена ескадрила биле претставени авионите „бреге 14“, додека од ескадрилата од Нови Сад пристигнале авионите од типот „среден бранденбург“. Пилотите демонстрирале групни летови, гаѓање балони, фрлање падобранци, исфрлање школски бомби и ракетирање. Сето тоа било вистинска глетка за паметење – раскажува Чачкиров.

За скопјани и за жителите од околните краишта, ова не бил само аеромитинг туку и средба со иднината. Во времето кога најголемиот дел од луѓето секојдневно се движеле пеш, со запрежни коли или со ретките превозни средства, над нивните глави летале машини што можеле да прават неверојатни работи. И затоа бил огромен интересот. Според тогашните весници, на настанот присуствувале над 10.000 луѓе. Тоа била бројка за почит, особено ако се знае дека Скопје тогаш имало околу 80.000 жители.

Не смее да се остави историјата да собира прашина

Како и да е, приказната за Александар Трајковиќ и за Константин Арсиќ не е само приказна за двајца храбри луѓе што скокнале со падобран. Таа е дел од почетоците на воздухопловната историја на Македонија, сведоштво за времето кога авијацијата била нешто ново, возбудливо и исполнето со ризик.

Особено значаен е податокот дека скоковите во Скопје биле меѓу првите дваесетина падобрански скокови на територијата на тогашната кралска држава. Тоа значи дека Скопје не било некаква споредна станица во развојот на тогашното воздухопловство, туку место каде што се случувале настани со пошироко историско значење.

И токму затоа е жално што помина стогодишнината без поголемо внимание.

– Ваквиот настан и сегментираниот авијациски историски развој на овој простор целосно ги објавив во книгата „Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“ – вели Чачкиров.

Неговите истражувања се уште еден доказ дека историјата не ја сочинуваат само големи војни, политичари и важни договори. Ја сочинуваат и обични луѓе, кои со своите храброст, љубопитност и љубов кон новото го поместувале времето напред. Зашто не е мала работа што пред 100 години, во време кога падобранот сè уште бил новина, двајца наши сограѓани имале храброст да скокнат од небото.

И додека денес над Скопје секојдневно минуваат авиони, малкумина знаат дека токму пред еден век, над Зајчев Рид, двајца скопјани ги отвориле падобраните и оставиле трага што времето нема да успее да ја избрише, затоа што ќе остане запишана на страниците на весникот ВЕЧЕР, кој, за една недела, на 11.11.1963 година, ќе прослави 63 години од излегувањето на првиот број.

Светлана БЛАЖЕВСКА

Фото: Од фотодокументацијата на Ѓорги Чачкиров

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ