Четвртата рунда од Европскиот клупски куп во шах донесе први големи проблеми за дел од фаворитите, по што на врвот на табелата останаа само четири екипи со максимални осум бода, меѓу кои е и македонскиот шампион ШК Алкалоид.
Во меч против седморангираниот носител Ашдод од Израел, интернационалниот тим на „фармацевтите“ беше ставен на тежок тест, кој на крајот успешно беше поминат со препознатливата виртуозност на одредени табли.
– Тешко извојувана победа во меч со драматични моменти, во кој противникот имаше почетна предност. Александар Инѓиќ на петтата табла стартуваше со грешка во раниот дел на партијата, поради која поразот беше неминовен, иако ги имаше белите фигури и беше еден од надежите за сигурна победа. Наспроти тоа, на првите три табли освоивме 2,5 поени: Еригаиси го намачи Елјанов, но искусниот украински шахист успеа да се избори за реми, додека, пак, Веи и Ју забележаа фантастични победи на втората и на третата табла, во комплицирани позиции и со врвно ниво на игра. Поради поразот на Пураник на четвртата табла, мечот го реши разиграниот Ивиќ со победа на шестата табла. Овие први индивидуални порази укажаа на тоа дека веќе влегуваме во финишот на турнирот, каде што секоја партија има извонредно значење на патот кон освојување нов медал, при што се наметнува и потребата од зацврстување на играта на пониските табли – изјави ВМ Влатко Богдановски.
Враќањето на Јангји Ју во екипата по почетното отсуство од здравствени причини би требало да биде сигурноста која е стожер на успесите во вакви тешки мечеви.
Прворангираниот тим според просечниот рејтинг, клубот Бајеган Пендик од Турција, во ова коло беше сопрен од црногорската екипа Електропривреда, која е шести носител и која се избори за нерешен резултат 3:3, а идентично заврши и мечот на петтите носители Нагиканижаи од Унгарија и Екс ен Провенс од Франција. Наспроти нив, романскиот Суперчес и чешкиот Нови Бор успеаја да победат во тешки мечеви против клубовите од Азербејџан и од Израел, но ја загубија почетната перфекција.

Најголемото изненадување го приреди словачкиот тим ШК Церо Инвест Нитра совладувајќи го израелскиот Бер Шева, со што се избори за меч со Суперчес, додека, пак, Алкалоид ќе се сретне со повеќекратниот европски шампион Нови Бор, тим против кој лани го освои второто место.
Вториот македонски тим, ШК Мулти Есенс, како 43. екипа според просечниот рејтинг играше со 19. носител од Шведска, тимот на Рокаден. Иако фаворитите победија со 4:2, реалната анализа вели дека нашите момци не стигнале до шанса за пресврт.
– Шведскиот тим се покажа како исклучително цврст противник и не ни даде шанса да се надеваме на сензација. Ристески и Панчевски успеаја да го издржат притисокот на првите две табли, додека, пак, на третата и на четвртата Лазов и Јорданов, во исклучително остри позиции, не успеаја да го направат истото, па ги загубија мечевите. Ефтовски на петтата табла стартуваше со тешка позиција, но продолжи фајтерски и се избори за реми. Можеби единствената шанса за победа се укажа на шестата табла на која Жежовска имаше солидна позиција, но недоволната прецизност на крајот доведе до уште една поделба на поенот – рапортираше капитенот на ШК Мулти Есенс, ВМ Трајко Недев.
Во петтото коло противник на ШК Мулти Есенс ќе биде финскиот клуб Етела Вантаан, кој е рангиран на 71. место според стартниот просечен рејтинг на играчите.












