Обновен е релјефот на мајката со трите деца на споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија што се наоѓа во шаркот „Жена борец“ во централниот дел на Скопје. Поставувањето на релјефот е извршено денеска во попладневните часови од страна на стручните екипи.
До ова дојде откако во јуни годинава на чествувањето на споменот на прогонот на Македонците во Граѓанската војна во Грција беше најавено дека ќе се врати ова обележје. Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров на чествувањето на 80-годишнина од почетокот на Граѓанската војна во Грција и 78-годишнина од прогонство на деца Македонци од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година тогаш најави дека од Министерството за култура било најавено дека наскоро ќе се врати паметникот.

Ова се случува цели 18 месеци откако беше искорнат и украден релјефот чиј автор е Даница Павловска – Циги од сè уште непознати сторители.
Ова обележје во изминативе години беше предмет на вандализам. Почитта досега се искажуваше пред гол бел бетонски постамент откако повеќе спомен-обележја кои се наоѓаа на предната и на задната страна на споменикот.
Се очекува под бакарниот релјеф да се врати и натписот: „Татковината копнеж на прогонетите“.

Споменикот е посветен на егзодусот на над 20.000 деца жртви од Граѓанската војна во Грција 1946-1949, а беше поставен на 30 јуни 1988, кога во Скопје се одржа Првата светска средба на децата бегалци. (Б.Ѓ.)












