Обвинителството побара притвор за Ива Михаилова поради ризик од бегство, а судот е на пат да издаде наредба за меѓународна потерница. Додека се очекува разрешница за тоа како обвинетата за сообраќајната несреќа со смртни последици ја напуштила земјата и покрај активните судски мерки, Министерството за надворешни работи го повика бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков, оценувајќи го приемот на Михајлова во Софија како провокација
Наместо да се пријави во полициска станица во понеделникот, како што барал Судот, Ива Михаилова, заедно со својот адвокат Николај Димитров, според тврдењата на бугарските национални медиуми, ја поминува македонско-бугарската граница, „незабележена“ од нашиот пограничен систем. Од полицијата, за весникот ВЕЧЕР останаа резервирани по прашањето дали внатрешната контрола се впушти во истрага – дали има инволвирани службеници, кои како што тврдеше адвокатот Димитров, им „помогнале“ во хуманистичкиот чин.
Во текот на денот, Обвинителството во Кочани побара од Судот на Михаилова да ѝ одреди мерка притвор и меѓународна потерница откако ја напушти земјава без судска дозвола. Обвинителството во Кочани го известило судот дека таа ги прекршила определените мерки и поднело предлог за притвор поради опасност од бегство. Тоа значи дека судот ќе издаде наредба до МВР за распишување меѓународна потерница. Следниот чекор би бил утврдување на нејзината локација и, доколку се потврди дека се наоѓа во Бугарија, поднесување официјално барање за екстрадиција од Министерството за правда до бугарските власти.
Михајлова во изјави за бугарските медиуми најави дека ќе се лекува во Софија, во болницата „Пирогов“, каде што треба да ѝ бидат направени испитувања, а потоа и рехабилитација. Засега нема потврда од надлежните институции за нејзината точна локација и за тоа дали е веќе примена во болницата. Таа ја напушти земјата и покрај судската забрана, одземените пасоши, македонскиот и бугарскиот, и нејзиното име на стоп-листата на МВР. Министерството соопшти дека во системот за гранична контрола нема евидентиран нејзин излез од државата. Како успеала да ја премине границата и дали имало пропусти или помагачи, останува да утврдат надлежните институции.
МНР ГО ПОВИКА БУГАРСКИОТ АМБАСАДОР: ПРИЕМОТ ВО СОФИЈА Е ПРОВОКАЦИЈА
По еуфоричниот дочек на Михаилова од медиумите и политичкиот врв во Софија, случајот Михаилова отвори ново дипломатско прашање меѓу Скопје и Софија. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го повика бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков, кому му било пренесено дека начинот на кој Михајлова била пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзиниот прием на високо ниво, претставува провокација.
„Начинот на кој Ива Михајлова беше пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзиниот прием на високо ниво, претставува провокација, ги подрива напорите за градење доверба и е спротивен на заложбите за развој на добрососедските односи. Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“, се наведува во реакцијата на МНР.
На средбата на бугарскиот амбасадор му било нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на Македонија и испраќа погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и еднаквоста пред законот. Од Министерството очекуваат Бугарија, како членка на Европската Унија, да постапува во согласност со европските принципи, со почитување на судските постапки, институционалната соработка и владеењето на правото. Македонската дипломатија најави дека ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено оние на Европската Унија и Советот на Европа. Во соопштението се нагласува дека Македонија останува посветена на добрососедските односи, но истата одговорност ја очекува и од бугарската страна.
Во меѓувреме, и бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека не било однапред информирано за постапките на Михајлова, на нејзиното семејство и на нејзиниот адвокатот, ниту учествувало во организирањето на нејзиното пристигнување. Според бугарското МНР, адвокатот стапил во контакт со Министерството непосредно пред јавната изјава. Претходно, двете министерства за надворешни работи се договорија бугарски медицински лица да дојдат во Македонија и да учествуваат во процената на здравствената состојба на Михајлова.
СДСМ БАРА ОСТАВКА ОД ТОШКОВСКИ, ТВРДИ ДЕКА СЛУЧАЈОТ Е ДОГОВОРЕН
Случајот предизвика реакции кај македонската опозиција. Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, изјави дека заминувањето на Михајлова преку македонската граница е „договорена работа“ и „мегаскандал“ за кој мора да има институционална разрешница и политичка одговорност. Според него, случајот отвора прашања за разговорите на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за време на неговата посета на Софија.
„МВР вели нема евидентиран излез, што дополнително кажува дека сето ова е договорен и монтиран случај“, изјави Жерновски, барајќи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, веднаш да поднесе оставка за да не влијае врз истрагата. Опозицијата бара и постапка за екстрадиција на Михајлова, како и одговорност за сите лица за кои ќе се утврди дека овозможиле нејзино заминување и прекршување на судските одлуки. (П. А.)












