Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина во текот на двата дена, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави енергетско примирје, не ги напаѓаше руските нафтени рафинерии ниту енергетските постројки.
Зеленски на социјалната мрежа Икс наведе дека Русија не се придржувала до примирјето и дека од претходната вечер извела напади врз Украина со стотици беспилотни летала, вклучувајќи дронови на млазен погон и дронови-самоубиства, како и со балистички ракети.
Според неговите зборови, руските сили, и покрај најавеното примирје, ги гаѓале украинските енергетски постројки.
„Само во овие два дена, на удар се најдоа 19 региони од нашата земја. Нашиот став останува непроменет. Украина е подготвена за заемни чекори кон деескалација, но за тоа е потребен ефикасен притисок врз Русија“, наведе Зеленски.
Тој оцени дека директната или индиректната поддршка за Русија, успорувањето на помошта за Украина и отежнувањето на заштитата на населението од балистичките ракети нема да придонесат за воспоставување мир.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата соопшти дека е постигнат договор за енергетско примирје меѓу Русија и Украина, кое требало да стапи на сила веднаш. Тој наведе дека двете страни се согласиле со договорот.












