Откритието на дрвената конструкција под темелите на Алаџа-џамијата открива колку големо било знаењето на старите градители. Градежниот инженер од Скопје, Месут Неби, ќе го претстави ова значајно искуство на меѓународен симпозиум во Текирдаг, Турција, истакнувајќи ја важноста на науката во зачувувањето на културното наследство. Приказната за овој скопски споменик носи и силна порака дека грижата за верските објекти, почитувањето на различностите и мирниот соживот се вредности со кои Македонија може да му послужи како пример на светот

Македонија е земја во која вековите оставиле длабоки траги преку џамиите, црквите, мостовите, амамите и другите споменици на културното наследство. Тие не се само сведоштва за минатото туку и жив дел од нашето секојдневие, во кое се препознаваат историјата, духовноста и соживотот на различните народи. Особено место во ова наследство зазема Алаџа-џамијата во Скопје, чија реконструкција открила фасцинантни сознанија за градежните техники применувани пред повеќе од пет века.
За ова значајно искуство, градежниот инженер од Скопје, Месут Неби, ќе говори на меѓународниот симпозиум „Науката и уметноста на Балканот за време на османлискиот период“, кој ќе се одржи од 14 до 16 октомври 2026 година, на Универзитетот „Намик Кемал“ во Текирдаг, Турција. Неговата презентација е насловена „Реконструкција на Алаџа-џамијата во Скопје“ и ги опфаќа техничките предизвици, научните откритија и поширокото културно и духовно значење на заштитата на овој верски споменик.
За Неби, архитектурата не е само инженерска дисциплина, ниту старите градби се само камен, тула и малтер. Тие се сведоштво за знаењето, вредностите и за љубовта на луѓето што ги создале.
– Архитектурата може да се спореди со животот. Наместо да ги истакнувам само техничките аспекти на градежништвото, би сакал да укажам и на неговата духовна страна. При изработката на градежните проекти, стручните лица внесуваат дел од својата личност во нив. Кога ги набљудуваме градбите изградени пред неколку века, сфаќаме дека биле создадени со љубов – истакнува Неби.
Откритие што ги воодушеви инженерите
Алаџа-џамијата, позната и како Исакбегова џамија, била изградена во 15 век и претставува значаен дел од османлиското архитектонско наследство во Скопје. Нејзината основа е со димензии од 23 на 13,5 метри, ѕидовите се дебели 1,25 метри, а покривната конструкција се состои од три куполи. Џамијата и денес ја исполнува својата верска функција, што ја прави жив споменик на историјата и на духовноста на градот.
По катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, било забележано наклонување на минарето. Геодетските мерења од 1986 година покажале дека неговиот врв отстапувал 87 сантиметри од вертикалата. При повторените мерења во 1993 година, отстапувањето достигнало околу 95 сантиметри, што укажувало дека продолжува процесот. За да се утврдат причините за деформацијата, биле спроведени геомеханички испитувања на почвата, во кои учествувале стручни лица од Градежниот факултет во Скопје, предводени од професорот Васе Витанов.

– Геомеханичките анализи во 1993 година ги изврши Градежниот факултет, на чело со проф. Васе Витанов. Беа направени истражни сонди за испитување на геомеханичките карактеристики на почвата. Една од нив беше изведена косо, низ темелот на минарето, со цел да се анализираат неговата конструкција и материјалите од кои е изграден – објаснува Неби за весникот ВЕЧЕР.
Истражувањето открило нешто неочекувано: под темелот на минарето се наоѓала дрвена скара составена од греди со дијаметар од околу 12 сантиметри. Овој систем бил применет поради слабата почва, со цел да се стабилизираат темелните камења и да се пренесе товарот кон подлабоките и поцврсти слоеви на тлото.
– Наидовме на фасцинантен податок: под темелот на минарето постои дрвена скара со греди со дијаметар од 12 сантиметри. Ова решение било применето затоа што теренот е слаб. Дрвената скара ги држи камењата од темелот, а со дрвените колови товарот се пренесува на поздраво тло што се наоѓа на поголема длабочина – вели Неби.
Според него, станува збор за впечатлив пример за инженерска досетливост применувана пред повеќе од 500 години.
– Сличен принцип користиме и денес, само што современите решенија вклучуваат плочести темели и армиранобетонски колови, со кои се пренесува товарот на постабилни слоеви од почвата – посочува тој.

Откритието тој им го кажал на своите колеги, професори од Градежниот факултет, на неодамнешната средба. Неби вели дека тој факт ги воодушевил, бидејќи покажува дека старите мајстори, и без денешната технологија, знаеле да најдат решенија приспособени на условите на теренот.
Науката во служба на духовното наследство
Испитувањата покажале дека врз состојбата на минарето влијаеле слабата почва, подземните води и недоволното одведување на атмосферските води. Поради тоа, биле неопходни сериозни интервенции за да се спречи понатамошното наклонување и за да се зачува автентичноста на објектот. Реконструкцијата била реализирана во 1994 година и опфатила два основни зафати. Првиот се однесувал на изградба на дренажен систем околу џамијата, со цел да се одведува водата подалеку од темелите. Вториот подразбирал зајакнување на темелот на минарето со четири армиранобетонски бунари и поврзувачка армиранобетонска плоча со дебелина од 60 сантиметри.
Решението било избрано врз основа на геодетските мерења, геомеханичките испитувања и статичките анализи, при што особено внимание им било посветено на безбедноста и на зачувувањето на историскиот карактер на градбата.
Искуството со Алаџа-џамијата, вели тој, покажува дека заштитата на културното наследство бара знаење, одговорност и почитување на оригиналната архитектура и дека целта не е да се претвори историскиот објект во нешто ново, туку да се зачува неговата автентичност и да продолжи да живее како дел од духовниот и културниот живот на заедницата.
Македонија – пример за почитување на различните вери
Покрај инженерските сознанија, на симпозиумот во Турција Неби ќе ја пренесе и пораката за богатството на Македонија, земја во која со векови се испреплетуваат различни култури, традиции и религии.
За Неби, џамиите од османлискиот период, црквите од византиската епоха, старите мостови, амамите и другите историски градби сведочат за повеќеслојното минато на Македонија и нивното зачувување претставува одговорност кон идните генерации, но и можност да се покаже дека различните духовни и културни традиции може да бидат дел од едно заедничко наследство.
Верските објекти, според овој повозрасен скопјанец, имаат значење што ги надминува архитектурата и историјата. Тие се места на молитва, духовно учење и собирање на верниците, а нивната заштита е израз на почит кон верата и идентитетот на секоја заедница.
– Македонија добро се грижи за своите верски споменици – места каде што се изучува Божјото слово. Затоа верувам дека Бог ќе нè заштити и дека нема да ни се случи ништо лошо. Македонија може да му послужи на целиот свет како пример за тоа како може припадниците на различни националности и религии да живеат заедно во мир – порачува Неби.
Оваа порака ја поврзува грижата за културното наследство со една од најважните вредности на македонското општество – меѓусебното почитување. Во време кога верските и националните разлики во многу делови од светот сè уште предизвикуваат поделби, зачуваните верски споменици во Македонија сведочат дека различностите може да бидат богатство, а не пречка за заеднички живот.
(С. Бл.)












