вторник, октомври 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРВПАТ СВЕШТЕНИЦИ НА МПЦ-ОА СОСЛУЖУВАА ВО ХРАМОТ „СВЕТА ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА“ ВО СОБОТСКО:...

ПРВПАТ СВЕШТЕНИЦИ НА МПЦ-ОА СОСЛУЖУВАА ВО ХРАМОТ „СВЕТА ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА“ ВО СОБОТСКО: Литургија на македонски јазик во Грција, во црквата на отец Царкњас

Првпат, светата богослужба во Македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ се одржа од тројца македонски свештенослужители – објави организацијата на Обединети Македонци од Канада

51

Двајца свештеници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија одржале заедничка служба на македонски јазик со отец Никодим Царкњас во храмот „Света Злата Мегленска“ во Соботско, Грција. Богослужбата се одржала на 11 октомври, а освен Царкњас, на службата учествувале и протојереите Гоце Вељановски и Стеван Груевски од Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА. Во веста која на социјалните мрежи ја објави организација на Обединети Македонци од Канада се наведува дека се работи за прва таква богослужба

– Во прекрасен октомвриски ден, светата богослужба во Македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ првпат се одржа од тројца македонски свештенослужители – домаќинот на храмот, протаставрофорот Никодим Царкњас, протојерејот Стеван Груевски и протојерејот Гоце Вељановски. Верниците при Св. „Злата Мегленска“ приредија срдечен и топол прием за гостинските свештенослужители со пеење стари македонски песни кои локалното македонско население ги пренесува од генерација на генерација. Црквата Св. „Злата Мегленска“ го покажа сиот свој сјај со прекрасните фрески и икони, како и завршен длаборез направен од македонски длаборесци. Гостинските свештенослужители беа испратени со желби за скорешно повторно сослужување во прекрасната Македонската православна црква Св. „Злата Мегленска“ – се наведува во објавата на организацијата Обединети Македонци.

Во веста не се наведува дали преспанско-пелагонискиот митрополит на МПЦ-ОА, Петар, дал благослов за оваа служба. Дејноста на протојерејот Вељановски досега е врзана за Преспанско-пелагониската епархија, додека протојереј Стеван Груевски служел и во рамките на Американско-канадската епархија на МПЦ-ОА.

Познато е, отец Никодим Царкњас е духовник кој постојано живее во Соботско (Aridea) и кој повеќе децении води упорна и посветена борба за признавање на правото на сопствен јазик и црква на Македонците во воденскиот крај во Грција. Во 1973 бил замонашен како член на Грчката православна црква, во 1978 година Царкњас го објавува весникот „Меглена“, во кој се обработуваа прашања за вработување на жителите од регионот, како и прашања поврзани со животот и историјата на Македонците. Меѓутоа, набргу реагираат грчките политичари, воените власти и грчката црква.  По осамостојувањето на Република Македонија на 8 септември 1991 година, дополнително се загреваат тензиите во Грција и на Новата 1992 година, четириесет грчки полицајци го апсат Царкњас. Иако месното население се спротивставува и со жив штит го брани саканиот свештеник, грчките полицајци со сила влегуваат во Црквата и го апсат Царкњас. Во монтиран политички процес, Царкњас бил осуден условно на шест месеци заради промена на бравите на Црквата. Потоа, и Светиот синод на Грчката православна црква го изнесува случајот пред црковното правосудство и на 10 март 1992 година, тие го расчинуваат Никодим Царкњас. Во меѓувреме, Царкњас веќе станал свештеник на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), со служба во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во с. Кучково, Скопско.

По ова, Царкњас бил иницијатор и носител на градбата на црквата „Света Злата Мегленска“ во родното село и на неговиот приватен имот, која е осветена во 2001 година, и во која проповеда на македонски јазик. За својата упорност бил в затвор, бил спречуван и понижуван. Еден од иницијаторите е на постапката пред Судот во Стразбур против државата Грција за да овозможи постоење на законски регистрирана црква која ќе богослужи на македонски јазик и озаконување на сите црковни и духовни активности.

Барањата за одржување богослужби на мајчин македонски јазик за Македонците во Грција се стари повеќе години. Во 2019 година, партијата на етничките Македонци во Грција „Виножито“, упати писмо до Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во кое се бара да се воведат богослужби на македонски јазик во дел од црквите во северниот дел на Грција, каде што тој има надлежност. Но, на тоа писмо немаше одговор.

– По ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Македонија, ние веруваме дека дојде време да се стави крај на неправдата врз домородното македонско малцинство, македонските православни христијани, етничките Македонци на територијата на Грција, за да можеме да си ги извршуваме нашите верски должности на нашиот јазик – се вели во писмото на „Виножито“. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ