Поранешниот вицепремиер, Артан Груби, второобвинет во случајот „Државна лотарија“, од денеска повеќе не е во куќен притвор, но и натаму останува под мерки на претпазливост. Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека е укината мерката по сила на законот, бидејќи истекол максималниот рок од 60 дена за притвор по поднесен обвинителен предлог. Во исто време, Судот ја одбил гаранцијата од 335.707 евра што ја понудила одбраната за да му биде вратен пасошот.
– Согласно со член 470 од Законот за кривична постапка (ЗКП), мерката притвор, односно куќен притвор, определена по поднесен обвинителен предлог, не може да трае подолго од 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот – наведува Кривичниот суд во соопштението.
Обвинителниот предлог во предметот е поднесен на 13 август 2026 година, поради што законскиот рок истече на 13 октомври. Но, престанокот на куќниот притвор не значи дека може Груби слободно да се движи или да ја напушти земјава. Кривичниот совет му определи други мерки на претпазливост: забрана за напуштање на Скопје, обврска повремено да се јавува во Судот и забрана за приближување, контактирање или воспоставување врски со одредени лица.
– Дополнително, против обвинетиот и натаму останува активна мерката за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница – соопшти Судот.
Неговата одбрана побара укинување на забраната за патување со понуда на недвижен имот проценет на 335.707 евра, како гаранција дека ќе биде достапен за органите на правосудството. Но, предлогот не беше прифатен.
– Кривичниот совет, постапувајќи по предлог на одбраната на обвинетиот за укинување на оваа мерка со определена гаранција, по добиено негативно мислење од надлежното јавно обвинителство, донесе решение со кое го одби предлогот на одбраната – се наведува во соопштението.
Груби се врати во земјава во февруари годинава, по повеќемесечно отсуство и беше спроведен пред надлежните органи. Првично му беше определен куќен притвор, а сега, по истекот на законскиот рок, мерката е заменета со ограничувања на движењето и на контактите. Тој е второобвинет во предметот „Државна лотарија“, заедно со поранешниот директор на друштвото, Перпарим Бајрами, и со уште шест лица. Според обвинителниот предлог, со наводната злоупотреба на службената положба и овластување била предизвикана штета од 596,1 милион денари, односно околу 9,7 милиони евра. Сите обвинети се изјаснија дека не се виновни. (П. А.)












