вторник, септември 15, 2026
Дома СКОПСКА Експертите за културни проекти можат да се пријават до 2 октомври

Експертите за културни проекти можат да се пријават до 2 октомври

1

Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ информира дека го пролонгира рокот за доставување апликации на јавниот повик за изразување интерес за независни национални и меѓународни експерти за евалуација на проектни предлози.

Рокот се пролонгира за 15 дена, а крајниот термин е 2 октомври 2026 година.

– Целта на овој повик е да се селектираат експерти со цел воспоставување регистар на независни експерти евалуатори на „Скопје 2028“. Повикот е отворен за независни професионалци и експерти од земјава и од странство, а ќе бидат ангажирани согласно со потребите на одделните јавни повици, за спроведување независна, објективна, стручна и непристрасна евалуација на проектните предлози поднесени во рамките на програмските линии и јавните повици за реализација на уметничката и културната програма на „Скопје 2028“ – соопштија од Фондацијата.

Притоа, додаваат дека особено ќе се земат предвид експертите со искуство во програмите на Европската Унија, „Креативна Европа“, Европска престолнина на културата (ECoC), меѓународната културна соработка, грантови и шеми за финансиска поддршка и независна евалуација на проекти.

– Вклучувањето во овој регистар не претставува засновање работен однос со Фондацијата и не гарантира конкретен ангажман. Експертите ќе бидат ангажирани согласно со потребите на програмата и одделните јавни повици, нивната стручност, расположливост и непостоењето судир на интереси. Секој конкретен ангажман ќе биде регулиран со посебен договор – појаснуваат од Фондацијата  „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ