Пандорче АНТЕСКА
Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ
Страшна и тажна е сликата во Гостивар, под вршник жителите чекаат капка вода кај најблискиот пункт, каде што со камиони се носат шишиња вода од државна помош.

Чајџилниците се празни, а улиците полни со граѓани кои го бркаат денот обремен со обврски. Пред помалите продавници се наредени гајби со шишиња вода, која ќе се купува и во иднина бидејќи и да се исчисти загадената вода, од страв уште долго нема да ја пијат од градската чешма. Екипата на весникот ВЕЧЕР се упати кон болницата воГостивар, каде што доаѓаат и нови пациенти со стомачни проблеми и стари на дневна инфузија.
„Десет дена стомакот не ми е закрепнат“, вели за весникот ВЕЧЕР жената што ја начекавме на излегување од дневна инфузија. „Внатре е полно заразени, ми рекоа да седам во изолација“, раскажува жената, која изгледаше исцрпено и бледо. „Кој ни го стори ова? Цел месец сме пиеле од загадената вода. Мене не ме задржаа во болница, ми велат дома побрзо ќе се излекуваш, пијам витамини. Но, на топлово, како да водиш сметка, како да закрепнуваш? Не се бањаме, миеме раце со купечка вода, а се бришеме со влажни марамчиња“, вели нашата соговорничка.
Бројката се намалува, за едно деноноќие биле примени 198 пациенти, а еден бил упатен на лекување на Инфективната клиника во Скопје. Според податоците, на Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75 деца, додека во Ургентниот центар лекарска помош побарале уште 12 лица. Од болницата велат дека засега нема промени во клиничката слика кај пациентите.
– И понатаму се карактеризира со стомачни тегоби, а поретко се јавуваат треска и покачена телесна температура – изјавија за весникот ВЕЧЕР од здравствениот дом во Гостивар.

Зад болницата, на местото за паркинг, сесобрани полно медицински сестри, болничари и лекари, чекаат да дојде камионот и да земат вода за потребите на болничките одделенија. „Како функционирате?“, ги прашавме. „Тешко, пациентите сами си носат вода од дома, најважни ни се родилките и бебињата, како да вратиме човек ако дојде со скршеница, мора да се оперира“, ни вели една сестра.

Споделуваат дека сега лекарите од болницата се загрижени од нови болести поради здравствената криза со водата, како жолтица или ешерихија. „Нè снајде исто како тогаш во короната“, една од болничарките загрижено си го покри лицето со дланките. Граѓаните велат дека водата што се дели е малку. „Му доаѓа по едно шише на човек дневно, а има луѓе што се сиромашни, не можат да си купат, ним треба да им се дава најмногу, а не некои ја полнат цела кола“, се лути повозрасна жена која дома се грижи за сопруг болен од рак и тој мора да се мие само со купечка вода. По час чекање,дојде камионот со вода, луѓето поитаа да земат од пакетите со шишиња. Најпрво за болницата, ги товареа во болнички колички и кревети и брзаа назад на работа.

Дел од луѓето што ги затекнавме се пожалија дека на многу малку места се дели вода, посочија дека тие што живеат на повисоките населби, како „Циглана“, и водата да е за пиење, тие ја немаат поради слабиот притисок. Треба да се дели организирано, до секоја населба, бараат жителите. Преку бистриот Вардар што тече низ градот се наоѓа друг пункт за дистрибуција на вода кај Гимназијата, тука луѓето се собрале уште претпладне и трпеливо чекаа да дојде водата која сигурно нема да им ги задоволи дневните потреби и ќе докупуваат од продавница.

Поради тоа, Владата прогласи вонредна состојба во градот во траење од еден месец.
„Со оглед на тоа дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување кризна состојба, сè со цел побрза координација на институциите,како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок“, соопштија од Владата
Во моменти кога секоја капка пивка вода е важна, граѓаните треба да се солидаризираат, апелираат од граѓанските здруженија во Гостивар. Билјана Беловинова од здружението „When in Trouble“ изјави за весникот ВЕЧЕРдека состојбата е сериозна и загрижувачка, и во вакви моменти солидарноста мора да се покаже со конкретни дела.
„Нашето здружение, благодарение на поддршката од донаторите („Теса груп“ од Скопје, кои обезбедија донација на вода), ќе ја носи водата директно до домовите на најзагрозените семејства, болните и неподвижните лица, децата со попреченост, како и старите и изнемоштени граѓани кои не можат сами да стигнат до пунктовите за вода. Ги повикуваме и сите заинтересирани граѓани и компании кои сакаат да помогнат да се приклучат кон акцијата и заеднички дастигнеме до што поголем број луѓе. Се надеваме дека проблемот ќе биде саниран во најкус можен рок, а надлежните институции темелно и транспарентно ќе ги утврдат причините и одговорноста. Здравјето и безбедноста на граѓаните мора секогаш да бидат приоритет“, ни изјави таа. А одговорност за она што ги снајде бараат сите што ги застанавме по кривулестите улици на градот полн со наши дојденци од странство. „Уште поголем револт предизвикува сознанието дека до ваква состојба дошло поради човечки фактор. Станува збор за многу сериозно дело, за кое мора да има одговорност. Никој нема право со својата негрижа, незнаење или неодговорност да го доведе во прашање здравјето на илјадници граѓани. Очекуваме целосна транспарентност, утврдување на одговорност и трајно решение на проблемот со водата во Гостивар“, ни изјави Гордана Страшевска.

Темелна истрага за загадената вода ветија во Обвинителството во Гостивар. Пред многуте новинарски екипи во зградата на правосудните органи, од полицијата беа донесени директорката на ЈП „Комуналец“ Артана Асани, техничкиот директор Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Даути. Директорката Асани, која тврдеше дека водата од градскиот водовод не е загадена, во рацете носеше шише со електролити. Нејзиното семејство пред да биде оденесна пред судијата, и довикна- како е, а таа кусо им одговори дека е добро.

На тројцата осомничени за тешки дела против животната средина со загадување на водата им е определен притвор поради опасност од попречување на истрагата. За делото што им се става на товар е предвиденазатворска казна од 4 години, па нагоре. Одземени се сите документи од нејзината канцеларија, а како доказ се земени и пумпите што ја измешале водата со фекалии во таа за пиење. На брифинг со новинарите, тим од четворица обвинители и државниот обвинител, Ненад Савевски, кој живее во Гостивар, беше споделено дека секој за кој ќе се најде барем малку сомнеж поткрепен со доказ ќе биде опфатен со истрагата.

Обвинителката Зура Селими, која била дежурна вечерта на 16 јули, рече дека во полицијата пријавиле загрижени граѓани кои ги зафатени од симптоми од водата за пиење.
„Од МВР бев известена дека загрижени граѓани пријавиле дека од водоводниот системсе спроведува непроверена вода што го снабдува градот. Излеговме на местото на настанот и инспекторите затекнаа пумпи поставени кај комората, две од трите пумпи беа во функција и веднаш го обезбедивме местото. Барав од сите институции да излезат и да се земат примероци од каналот со отпадна вода и во преливниот канал, од кадешто почнува снабдувањето со вода за градот. Дојде вештак за пумпите и потврди дека пумпите работат и се излева вода од каналот. Инспекторите ми кажаа дека водата во каналот била нечиста, а за тоа имаме и видеоматеријал како доказ“, изјави обвинителката Селими, а на прашањето од каде се собира водата во отпадниот канал,рече дека е утврдено оти отпадните води се од селото Вруток.
Главната обвинителка во Гостивар, Елизабета Јосифовска, рече дека работите на истражните органи на терен се при крај и оти ќе може да се пристапува кон прочистување на водата во водоводниот систем. Објасни дека симулацијата која еден месец ја правеле од „Комуналец“, доведе до над 3.000 болни со симптоми предизвикани од водата што ја пиеле од градските чешми. „Претходно,доколку имало прелив на вода од градскиот водовод, го излевале во тој канал со отпадни води, а сега направиле да биде обратно, ги свртиле цевките и водата се загадила со фекални бактерии. Да напоменам,неколкукратното ниво на присутни бактерии е во испитаните мостри од водата во каналот, а во две градски чешми најдовме големо количество хлор“, кажа обвинителката.

Тешкото кривично дело, Обвинителството ќе го докажува преку сведоци и вештачење. „Сèсо цел да ги поврземе епидемијата и водата, не се исклучува дека во текот на истрагата може да се опфатат и други од ’Комуналец’, па и од Општината“, изјави обвинителот Хазби Сеими. Тој рече дека веќе имаат и службена белешка од полициски разговор со градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, а ќе се проверуваат и податоците од испитувањата на водата што ги пласираше Центарот за јавно здравје во Гостивар, а кои пред една недела тврдеа дека водата била исправна за пиење. Ќе се испитува и дали била доведена струја на диво кај поставените пумпи, а од Општината ќе се бара техничка документација дали издале решение за поставување на пумпите за притисок.













