Словенечкиот арбитар Славко Винчиќ беше избран да ја дели правдата на најважниот натпревар на Светското првенство 2026 – финалето меѓу Шпанија и Аргентина на стадионот „Метлајф“.
Искусниот 46-годишен судија успешно го контролираше натпреварот и покрај големата тензија меѓу двата тима, а неговиот настап беше оценет како уште една потврда дека првиот човек на судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, направил вистински избор.
Освен престижот, финалето на Мундијалот му донесе и значителна финансиска награда. Според словенечките медиуми, Винчиќ заработил околу 60.000 американски долари само за судењето на финалниот меч.
Кога ќе се пресметаат и хонорарите од претходните натпревари, како и фиксниот надоместок што ФИФА им го исплаќа на главните судии, Винчиќ од Светското првенство си заминал со заработка од околу 140.000 долари.
ФИФА има однапред утврден систем на наградување, според кој главните судии добиваат 70.000 долари само за учество на турнирот, а дополнително се исплаќа хонорар за секој натпревар што го судат.
Највисоко е платено токму финалето, додека за натпреварите од групната фаза судиите добивале околу 3.000 долари по меч. Со секоја наредна елиминациска рунда хонорарите растат, па арбитрите кои стигнале до полуфиналето и финалето заработиле повеќе од 100.000 долари.
Покрај паричните награди, ФИФА ги покрива и сите трошоци за судиите за време на турнирот, вклучувајќи патување, сместување, исхрана и дневници, што значи дека целата заработка практично останува како нето-приход.











