Цените на природниот гас во Европа се искачија на највисоко ниво во последните четири месеци по обновените судири во Ормутскиот теснец, што предизвика загриженост за безбедноста на транспортот на енергија преку една од најважните светски бродски линии.
Европската референтна цена на природниот гас, позната како холандски TTF, накратко надмина 60 евра за мегават-час во понеделник за прв пат од средината на март, пред да се стабилизира на околу 59 евра за мегават-час во вторник по десеттата ноќ по ред американски напади врз Иран.
Техеран одговори со напади врз сојузниците на САД во регионот и танкерите во Персискиот Залив, што дополнително ги зголеми загриженостите на пазарот, пишува Политико.
Пред прекинот на огнот во јуни, цените на гасот генерално се движеа под 50 евра за мегават-час. Сегашните цени се зголемени за околу 50 проценти во однос на пред еден месец.
Аналитичарите предупредуваат дека зголемувањето на цената ги одразува стравувањата од понатамошно намалување на снабдувањето поради пониските европски залихи, но и зголемената побарувачка во Азија поради високите летни температури и поголемата потреба за разладни уреди.
Дополнителна неизвесност предизвикуваат заканите од САД и Иран за можното воведување такси за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец.
Тобијас Федерико, аналитичар во „Монтел енерџи“, оцени дека честото отворање и затворање на Ормускиот теснец значи дека оваа рута повеќе не е сигурна рута за испорака на течен природен гас (LNG) на светскиот пазар.
Шпанската енергетска компанија „Моеве“ предупредува дека најновото зголемување на цените покажува како геополитичките ризици стануваат постојана карактеристика на енергетските пазари.












