Легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев, смета дека Шпанија апсолутно заслужено ја освои титулата светски шампион и дека оваа генерација има потенцијал да доминира со години.
Во разговор за „Еуроњуз Србија“, Панчев ги сумираше впечатоците од Светското првенство и истакна дека бил изненаден од целосната доминација на Шпанците во финалето против Аргентина.
- Очекував Шпанија да биде подобра, но не и Аргентина да не упати ниту еден удар кон голот за 90 минути. Навистина беше неверојатно тоа. Шпанците играат препознатлив фудбал и заслужено стигнаа до титулата – изјави Панчев.
Тој имаше само пофални зборови за Лионел Меси, кого го нарече еден од најголемите фудбалски магионичари во последните две децении.
- Меси многу ѝ даде на Аргентина. Ја одведе до светската титула, играше уште две финалиња и ќе остане запаметен како еден од најголемите во историјата. Но, природно е дека дојде време полека да заврши таа ера – порача Панчев.
Поранешниот голгетер не го криеше незадоволството од сè поголемото влијание на ВАР-технологијата.
Според него, фудбалерите повеќе не може спонтано да се радуваат на постигнат гол бидејќи постојано чекаат проверка од ВАР, што ја одзема емоцијата од играта.
- Денес речиси и не му треба судија на фудбалот, бидејќи ВАР одлучува за сè. Понекогаш треба да им се дозволи и на судиите да згрешат, затоа што и тие се луѓе. Во мое време, кога ќе постигневме гол, едноставно го добивате тој наплив на радост и слично. А сега полека се менува. Бидејќи играчите не може да бидат среќни, чекајќи да видат дали ќе има некакви промени… Тоа многу ги вознемирува играчите во таа смисла – вели Панчев.
Тој се осврна и на проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации, оценувајќи дека новиот формат има и добри и лоши страни, бидејќи им отвора простор на помалите селекции, но воедно создава голема разлика во квалитетот во групната фаза.
На крајот, Панчев порача дека Шпанија е заслужен светски шампион и дека со генерацијата што ја има, би можела да остане на самиот врв на светскиот фудбал и во годините што следуваат.











