Граѓани реагираат дека и покрај тоа што навремено ги намириле сметките за парно, институциите немаат евиденција за извршените уплати, поради што нивните предмети завршуваат кај адвокати и нотари. Велат дека дополнително се соочуваат со високи трошоци, непотребни административни постапки и со стрес иако располагаат со банкарски изводи и со други докази дека ги платиле обврските пред истекот на рокот.
Една граѓанка, преку социјалните мрежи, го сподели своето искуство, наведувајќи дека добила известување од нотар за неплатени сметки за парно за периодот од април 2025 до февруари 2026 година. Таа тврди дека биле намирени сите сметки навреме, дури и пред датумот на достасување, а како доказ поседува банкарски извод од извршените трансакции.
– Нè дадоа на адвокат и нотар за неплатени сметки за парно од 4.2025 до 2.2026 година. Сите сметки ни се платени пред дадениот рок. Имаме доказ и извод од банка. Проблемот е што на ниту една од месечните сметки не беше прикажан заостанат долг, па немавме никаков показател дека постои проблем во евиденцијата на уплатите – вели за весникот ВЕЧЕР една скопјанка, која сакаше да остане анонимна.
Како објаснување од надлежните, вели дека добила информација оти софтверот преку кој се водела евиденцијата за плаќањето бил во дефект подолг временски период. Наместо да биде решен во рамките на институцијата, предметот бил проследен до адвокат, а потоа и до нотар, што резултирало со дополнителни трошоци.
– Ни рекоа дека им бил расипан софтверот повеќе од една година. Поради тоа, веднаш нè дале на адвокат, а потоа и на нотар, за чија „услуга“ сега треба да платиме околу 4.500 денари – вели таа.
Според неа, кога докажале со банкарски извод дека биле навремено платени сметките, како причина за постапката им било посочено дека при електронските уплати не била внесена соодветната шифра. Сепак, таа тврди дека го користат истиот начин на онлајн плаќање веќе шест години и дека досега никогаш немале ваков проблем.
– Бидејќи нема за што да се фатат за да ги оправдаат трошоците направени кај адвокатот и нотарот, ни велат дека не сме ја внеле шифрата при уплатата. А ние на ист начин плаќаме онлајн веќе шест години – наведува таа.
Револтираната граѓанка прашува каде може да се жали за, како што вели, неправдата што ја трпи и дали постои институција што ќе ги заштити граѓаните од вакви ситуации.
– Каде да се жалиме, бидејќи ова е јавна кражба на чесни граѓани? Дали има адвокат што би можел да ни го реши случајов? Кој ќе ни ги плати непотребните стресови? Кој ќе ни го плати отсуството од работа? – прашува таа.
Овој случај повторно го отвора прашањето за начинот на кој јавните претпријатија ја водат евиденцијата за наплатата, како и за тоа дали треба граѓаните да ги сносат последиците од евентуални административни или технички пропусти. Дополнително, се наметнува дилемата дали пред поведување постапки преку адвокати и нотари, се врши детална проверка на уплатите и дали постојат механизми за навремено исправување на ваквите грешки без да бидат изложени граѓаните на дополнителни трошоци.
Но, ова не е единствен ваков случај. Дел од граѓаните тврдат на социјалните мрежи дека се соочиле со слични ситуации, односно добиле опомени или нотарски решенија иако навремено биле платени сметките.
Една граѓанка наведува дека и покрај платена сметка за вода, јавното претпријатие ја исклучило од водоводната мрежа. Друга, пак, прашува дали единственото решение е да ангажира адвокат за да ги заштити своите права.
– И мене ми се случи истото. Извадив доказ дека е платена сметката, но ми рекоа дека не била внесена некаква шифра. На крај, наместо тие да ја исправат грешката, граѓанинот треба да докажува дека платил – пишува една од корисничките.
Други коментираат дека проблемот не е нов и дека со години се соочуваат со случаи во кои плаќаат дополнителни нотарски, адвокатски и извршителски трошоци иако имаат доказ за навремено извршените уплати.
Една граѓанка раскажува дека пред неколку години била принудена да плати илјадници денари за нотарски и други трошоци, а подоцна пронашла доказ дека сметката, всушност, била платена. Според неа, наместо да се утврди одговорност за направениот пропуст, товарот повторно паднал врз граѓанинот.
За проблемот претходно предупреди и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), дека во практиката, поради адвокатски, нотарски и извршителски трошоци, долгот од само 50 денари може да прерасне во обврска од околу 15.000 денари. Од КСОМ побараа законски измени што ќе спречат граѓаните да плаќаат повеќекратно поголеми трошоци од самиот долг.
– Ние не бараме да се простат долговите, туку да се платат главниот долг и некои ситни трошоци, а не за 50 денари долг, со адвокати и нотари, да се плати 15.000 денари. Поради тоа, бараме законски измени за да не може за многу мал основен долг да се пресметаат несразмерно високи дополнителни трошоци за адвокат, нотар и за извршител – изјави Марјан Ристески, претседател на КСОМ.
Упатените во оваа проблематика советуваат граѓаните да ги чуваат сите банкарски изводи и уплатници, навреме да поднесуваат приговори и, доколку е потребно, да поведат постапка за надоместок на штета. Воедно, сметаат дека институциите треба да преземат одговорност за административните и техничките пропусти наместо да ги префрлаат нивните последици врз граѓаните.
Реакциите на социјалните мрежи го отвораат прашањето дали станува збор за поединечни случаи или за поширок системски проблем во евидентирањето на уплатите кај јавните претпријатија и дали постојат механизми со кои може да бидат заштитени граѓаните од неоправдани адвокатски, нотарски и извршителски трошоци.
(А. С.)












