петок, јули 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Не може ако е купен станот по 3.000 евра за квадрат, да...

Не може ако е купен станот по 3.000 евра за квадрат, да се плаќа данок како да вреди 1.500 евра

Граѓаните реагираат поради доцнењето на решенијата за данок на имот, додека од Град Скопје уверуваат дека тие се веќе изготвени и чекаат дистрибуција. Истовремено, најавуваат нова методологија за оданочување според реалната пазарна вредност на недвижностите, со цел поправеден систем и повисоки приходи во градскиот буџет

1

Граѓаните сѐ погласно реагираат дека годинава доцни доставувањето на решенијата за данок на имот од Град Скопје. На социјалните мрежи се отворија бројни дискусии, при што дел од граѓаните прашуваат дали станува збор за технички или за административен проблем, додека други шпекулираат дека доцнењето е поврзано со подготовка на нови решенија со повисок данок на имот. Ваквите реакции следуваат откако Град Скопје претходно најави промени во начинот на пресметување на данокот на имот. Според најавите, данокот во иднина ќе се утврдува врз основа на реалната пазарна вредност на недвижностите, наместо според досегашниот модел, кој, според градските власти, не ја одразува вистинската вредност на имотите.

Од Град Скопје посочуваат дека актуелниот систем создава неправедности, бидејќи сопствениците на голем број станови, куќи и деловни објекти со слична квадратура плаќаат речиси идентичен данок, иако нивната пазарна вредност значително се разликува. Во изминатите години, цените на недвижностите во одредени делови од градот драстично пораснаа, но тоа не беше соодветно рефлектирано во висината на данокот.

Процесот на повторна процена на недвижностите најпрво ќе почне во општините Карпош и Центар, каде што, според анализите, се утврдени најголеми разлики меѓу реалната вредност на имотите и данокот што се наплаќа. По завршувањето на оваа фаза, процесот постепено ќе се прошири и во другите скопски општини. Во рамките на реформата ќе се врши вкрстување на податоците со Агенцијата за катастар на недвижности, како и со други релевантни институции, со цел да се утврди реалната состојба на терен и да се обезбеди попрецизна и поправедна даночна евиденција.

Според процените на градските власти, новиот модел треба да овозможи поправедна распределба на даночниот товар, но истовремено и значително да ги зголеми приходите во градскиот буџет. Очекувањата се дека по целосното спроведување на реформата, приходите од данокот на имот ќе се зголемат за повеќе од 30 милиони евра годишно.

Од Град Скопје информираат за весникот ВЕЧЕР дека веќе се изготвени решенијата за данок на имот за 2026 година и дека се чека нивната дистрибуција до граѓаните.

– Решенијата за данок на имот се подготвени и нема никакво доцнење во нивната изработка. Причината поради која сѐ уште не се доставени до граѓаните е тоа што сè уште не е обновена постапката за доставување пратки со АД „Македонска пошта“. Веднаш штом ќе се обнови постапката, ќе бидат доставени решенијата за данок на имот за 2026 година во најкраток можен рок – велат од Град Скопје.

Од градската администрација појаснуваат дека кај правните лица процесот е значително поедноставен, бидејќи е направено вкрстување на податоците со повеќе надлежни институции, по што решенијата се изготвени и доставени по електронски пат.

– Поголемиот дел од компаниите веќе ги добија решенијата за данок на имот преку електронска пошта. На тој начин се забрзува постапката, а истовремено се намалуваат административните трошоци и времето потребно за доставување – посочуваат од Град Скопје.

Воедно, од Градот најавуваат дека електронската комуникација со даночните обврзници ќе биде еден од приоритетите и во наредниот период. Планот е постепено да се намали физичката достава на решенијата, а сѐ поголем дел од документите да се испраќаат по електронски пат.

Според градските власти, ваквиот пристап ќе придонесе за поефикасна администрација, побрза комуникација со граѓаните и со правните субјекти, но и за значително намалување на трошоците за поштенски услуги.

– Во моментов, за испорака на едно решение по пошта се плаќа околу 100 денари за доставување мали пратки, што претставува значителен трошок кога станува збор за десетици илјади пратки. Затоа нашата цел е во иднина да се доставуваат што е можно повеќе решенија електронски, со што ќе се заштедат јавни средства и ќе се модернизира целиот процес – истакнуваат од Град Скопје за ВЕЧЕР.

Од Град Скопје апелираат до физичките и до правните лица навремено да ги намират своите обврски по основ на данок на имот за 2025 година, со цел да се избегнат нови блокади и присилна наплата во иднина.

– Град Скопје има обврска да врши промена на Правилникот на методологијата за процена на данокот на имот. Пред шест-седум години, стан во Општина Центар чинеше 1500-1.600 евра квадратен метар, а сега е над 2.500 евра за квадратен метар. Поради тоа, извршивме промена на Правилникот. Промената е направена врз основа на податоците од купопродажните договори, при што при пресметката на данокот на имот ќе се зема предвид просечната цена на квадратен метар во конкретната општина. Ако, на пример, е купен станот по 3.000 евра, не може да се плаќа данок на 1.500 евра за квадратен метар – информираат од Град.

Од Градот нагласуваат дека нема да се применува оваа методологија само кај новокупените станови туку и за постарите недвижности. И тие ќе бидат оданочувани врз основа на нивната реална пазарна вредност, која ќе се утврдува според просечните цени на купопродажните договори во општината во која се наоѓа имотот.

Оттаму додаваат дека постепено се воведуваат промените и делумно веќе се применуваат. Според нив, Правилникот требало да биде изменет уште пред неколку години, бидејќи поради застарената методологија, Град Скопје губел значителни приходи, а голем број недвижности се оданочувале по вредности што не ја одразуваат нивната реална пазарна цена.

Во меѓувреме, Град Скопје ја врати на претходното ниво и комуналната такса за фирмите, позната како фирмарина. Така, нејзиниот износ повторно изнесува 8.000 денари годишно, наместо досегашните 4.000 денари.

Оваа такса пред ковид-пандемијата изнесуваше 8.000 денари, но потоа беше намалена за 50 проценти, како една од мерките за поддршка на стопанството и за ублажување на последиците врз компаниите. Со оглед дека мерката имаше привремен карактер, Град Скопје сега ја враќа фирмарината на нивото што важеше пред пандемијата.

Од градската администрација сметаат дека со враќањето на фирмарината и со новата методологија за пресметка на данокот на имот ќе се обезбедат дополнителни приходи во градскиот буџет. Според нив, овие средства ќе бидат насочени кон финансирање на комуналните услуги, инфраструктурните проекти и подобрување на функционирањето на градот.

 (А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ