Општина Кисела Вода доби нов, современ спортски комплекс во населбата 11 Октомври – Бараки, кој претставува прв спортски проект од ваков вид на нејзина територија.
Лоциран во непосредна близина на Паркот на шахот, овој простор е функционално дизајниран за да ги унапреди условите за рекреација и за развој на спортот на отворено.
– Централно место во комплексот зазема модерниот Калистеник парк, кој се простира на површина од 380 квадратни метри. Тој е целосно осветлен со рефлектори, со што се овозможува непречено користење и во вечерните часови. Оваа нова спортска зона е наменета за физичка активност. Опремена е со разновидни справи, вклучувајќи вратило, разбој, паралелки и шведски скали, кои овозможуваат изведување комплексни вежби за развој на силата, издржливоста, координацијата и флексибилноста – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека во рамките на комплексот е изграден и професионален терен за одбојка на песок.
– Теренот располага со мрежа поставена на универзална висина и е осветлен со рефлектори, исполнувајќи ги стандардите за одржување спортски натпревари и квалитетна рекреација. Со успешната реализација на овој проект, се потврдуваат заложбите за континуирано вложување во спортската инфраструктура и за создавање современи услови за активен живот на сите генерации – потенцираат од Општина Кисела Вода.












