петок, јули 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Преку 35.000 незавршени регистрации во е-Даночни услуги

Преку 35.000 незавршени регистрации во е-Даночни услуги

27

Управата за јавни приходи (УЈП) ги повика граѓаните кои не ја завршиле регистрацијата во системот е-Даночни услуги (Е-ППД) да ја комплетираат постапката бидејќи без активен кориснички профил нема да можат да користат повеќе електронски услуги што ги нуди институцијата.

Од УЈП информираат дека по извршените проверки е утврдено дека повеќе од 35.000 граѓани поднеле барање за регистрација на кориснички профил како даночни обврзници – физички лица, но постапката останала незавршена.

Со цел да се заокружи процесот, Управата преку електронската адреса [email protected] испратила персонализирани пораки до сите граѓани кај кои регистрацијата не е комплетирана, со насоки за понатамошните чекори.

„Доколку сте меѓу овие граѓани, ве повикуваме да се обратите во надлежната канцеларија на Управата за јавни приходи со важечки документ за идентификација, за овластено службено лице да ја одобри вашата регистрација“, соопштуваат од УЈП.

Од Управата нагласуваат дека активниот кориснички профил во системот е-Даночни услуги е неопходен за користење на повеќе електронски услуги. Преку него, граѓаните можат да пристапат до порталот за електронски услуги на државата, да извршат увид во својата Годишна даночна пријава за данок на личен доход, да побараат уверение за остварен доход, како и да ги користат услугите за кои УЈП доставува податоци до други институции.

Воедно, активен профил е задолжителен и за користење на правото на поврат на дел од данокот на додадена вредност преку апликацијата „Мој ДДВ“, бидејќи без регистрација во системот е-Даночни услуги не е можно скенирање на фискалните сметки. За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на електронската адреса [email protected] или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000 (бесплатен повик од фиксна телефонска мрежа).

ИЗДВОЕНИ