петок, јуни 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Фирмите што лажно ги декларирале млечните производи ќе бидат објавени од понеделник

Фирмите што лажно ги декларирале млечните производи ќе бидат објавени од понеделник

11

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), идната недела ќе ги објави фирмите што правеле манипулации со декларирањето на млечните производи, а од понеделник треба да бидат готови и резултатите од анализите на месните преработки. Како што изјави директорот на АХВ, Оливер Миланов, кај млечните производи со лажни декларации – кашкавали, сирења, павлака, јогурт, млеко… безбедноста не е нарушена, туку е нарушен квалитетот и потрошувачите се измамени.

Директорот е согласен дека казните за овие оператори со храна се ниски и затоа, напомена, веќе се изготвуваат измените и дополнувањата на Законот за прекршоците. Една од опциите за кои се размислува е – ако еднаш или двапати бидат фатени како манипулираат, да им се земе решението за вршење дејност во рок од 3 години.

– Неофицијално, мислам дека ги имате операторите, но официјално ќе ги имаме во наредниот период. Две се увозни, осум се наши компании. Веќе се вршат внатрешни контроли зашто овие резултати што ги имаме добиено се процена на ризик лично од мене направени. Покрај редовните надзори, ќе се направи и аудит. Ќе се вратиме чекор наназад, да видиме дали воделе записници, дали воделе лабораториски анализи, дали е ова од пред 15 дена или постоело со години. Во однос на безбедноста на овие производи, безбедноста не е нарушена, нарушен е квалитетот. Нарушен е зашто е направена измама со храна на потрошувачите, манипулација со потрошувачите. Доколку декларирате дека имате 24 отсто масти, а во производот има 5 проценти масти, таа храна автоматски се уништува и се носи на депонија – истакна Миланов.

Во врска со трајните и полутрајните производи – салами, виршли, паштети, информира дека АХВ сè уште ги нема добиено резултатите од анализите. Сепак, очекува, како што истакна, дека и тука ќе има отстапувања.

– Уште ги немаме анализите. Очекувам дека би имало нешто зашто таму премногу има ароми, бои, фосфати… Резултатите може да се очекуваат во наредниот период. Но, тоа не зависи од нас, туку од референтните лаборатории. Значи, од понеделник – нагласи Миланов.

 

 

ИЗДВОЕНИ