Ако правото е уметност на доброто и правичното (ars boni et aequi), тогаш македонскиот правосуден систем веќе цели триесет години успешно ја негува уметноста на апсурдот, селективноста и на политичкото слугување. Целиот свој работен век сум го поминал по судските ходници, сведочејќи на секој негов пад, транзиција и наводна реформа и научив една горчлива вистина: во оваа наша куќа на правдата, најмалку има – правда. Менуваме устави, прекројуваме закони, носиме европски деловници, кокетираме и политикантски им се додворуваме на националните малцинства, но партискиот тефтер останува единствениот валиден законик во државата. Три децении тапкаме во место, или поточно, паѓаме сè подлабоко во живата кал на заробената држава.
Она што денес ни се случува во Јавното обвинителство, како и изјавите кои доаѓаат од фотелјите на извршната власт, не се никаков нов тренд или нов феномен. Ова е само продолжение на една иста, лошо изрежирана тридецениска претстава која трае и трае. Се менуваат политички гарнитури, се менуваат обвинители и судии, но менталниот склоп и реториката остануваат исти.
Основната функција на Обвинителството е да го гони криминалот, без оглед од која партија или моќник доаѓа. Но, нашето Обвинителство цели три децении наликува на шалтер за селективно процесирање на политички сметки и бизнис-интереси. Кога треба да се дејствува експресно против довчерашните функционери или кога треба да се задоволи моменталниот евтин популизам на новата власт, обвинителите покажуваат мускули и ревност што би ги загрижила и најстрогите деспотски режими. Но, кога предметите ќе стигнат до „актуелните“, до оние што во моментот ги држат конците на буџетот или до бизнисмените кои ги финансираат изборните кампањи, тогаш настапува фатална институционална амнезија. Предметите фаќаат прашина, застаруваат по фиоки, а истрагите се водат толку „темелно“, што, на крајот, самиот криминал умира од старост.
И во тој тридецениски затворен круг, само имињата на актерите се менуваат, а однесувањето, реториката и постапките остануваат исти. Челниците на извршната власт отворено коментираат, насочуваат, па дури и сугерираат како треба обвинителите и судиите да постапуваат во одредени случаи, лицитираат со пресуди и висина на казни, им даваат правни квалификации од говорница или на прес-конференција на обвинителите кои слепо и послушно ги испишуваат страниците на правната глупост, тргнувајќи од модуларната болница, крвавиот четврток, Дијамед, змиско око, трагедијата во Кочани и уште еден куп небулозни обвиненија и уште посрамни решенија за неповедување кривична постапка. Сето ова е класичен пример за она што со години го живееме – политички притисок со маска на „загриженост за правдата“. Кога челник на извршната власт од говорница, а наводно сè е во име на борбата против корупцијата, ќе почне да дели правни лекции, јавно да таргетира луѓе за притвор или амнестија, јасно се става до знаење дека извршната власт го смета правосудството за свој подреден сектор, за обичен извршен орган на неговата партиска волја.
Но, вистинскиот проблем лежи во нашите судии и обвинители, кои цели 30 години доброволно го прифаќаат тој понижувачки, слугински статус и клиентелистички се однесуваат кон извршната власт. Се навикнаа да чекаат „абер“ или порака од извршната власт пред да донесат каква било потешка одлука. Го изгубија својот професионален дигнитет, ја продадоа независноста за мир во куќа, за кариерно напредување во Судскиот совет или во Советот на јавни обвинители – институции кои наместо филтри за квалитет, станаа филтри за партиска послушност.
На оваа наша мизерија и институционална корупција, веќе со децении сме сведоци не само ние, туку и меѓународната заедница, која одвреме-навреме ќе излезе од дипломатските ракавици и ќе ни удри силна „шлаканица“. Сè уште се свежи сеќавањата на изјавите на странските амбасадори, кои веќе одамна ја изгубија учтивоста кога говорат за нашето судство, особено кога американските амбасадори отворено зборуваа за „политичкото мешање и корупцијата што ја јадат довербата во судството“, или кога европските претставници со години порачуваа дека „судството е заробено од партиски и бизнис-олигархии“. Ништо не се смени ниту кога странски дипломати јавно го нарекоа македонскиот Судски совет „нелегитимно тело кое генерира скандали“, наместо правда. Не се смени ништо и брзо се заборави дури и кога странците ни праќаа тимови за мониторинг и отворено ни кажуваа дека правосудството ни е на „апарати за дишење“, тогаш нашите политички елити само кимаа со главите и најавуваа некакви реформи, а веднаш потоа продолжуваа по старо.
Она што најмногу загрижува, а уште повеќе ја девастира правната држава, е претворањето на Кривичниот законик во сликовница за слободни креации. Сведоци сме на една загрижувачка практика каде што обвинителите веќе не го применуваат законот, туку го „домислуваат“. Одредбите се толкуваат со доза фикција каква што не би си дозволил ниту писател на крими-романи. Се измислуваат правни квалификации кои немаат врска со битието на делото, а вистинската трагедија настанува во судницата. Наместо судиите да бидат филтерот кој ќе ги отфрли овие правни егзибиции, тие со рамнодушно кимање со главата ги прифаќаат овие конструкции и, судот, од заштитник на законитоста, се претвора во соучесник на обвинителскиот аматеризам.
Редоследот на нештата во нашиот правосуден систем е одамна свртен наопаку и наместо логичниот тек – прво докази, па мерки, кај нас се практикува инквизиторскиот модел: прво притвори го човекот, па после ќе бараме со што да го обвиниме. Притворот веќе не е мерка за обезбедување присуство, туку стана однапред изречена казна и средство за кршење на отпорот. Од таквите обвиненија, во текот на судењето, откако ќе се тргне завесата на помпата и медиумските спектакли, во судницата остануваат само посредни, бледи и неубедливи докази со конструирани приказни засновани на сведочења од типот „ти реков – ми рече“. Во недостиг на цврсти, материјални и форензички докази, правдата се крои по чаршиски муабети и нарачани искази. Наместо „надвор од секое разумно сомневање“, кај нас се суди врз основа на „некој некаде слушнал нешто“.
Најголемиот пораз на правото се случува на теренот каде што треба да владее апсолутна еднаквост, еднаквост на оружјата – во правата на одбраната наспроти Обвинителството. Наместо неутрален арбитар, судот отворено се става во улога на сојузник на Обвинителството. Листата докази на Обвинителството се прифаќа со затворени очи: судот воопшто не ја испитува нивната релевантност, не бара образложение што точно се докажува со нив, ниту, пак, му дозволува на обвинетиот воопшто да се изјасни за нив. Напротив, кога настапува одбраната, критериумите преку ноќ стануваат ригорозни. Од адвокатите се бара детално да го правдаат секој предложен доказ, а на обвинителот му се дава целосно право да се изјасни за нив, да ги цензурира и оспорува. Овој апсурд се случува и кај стручните мислења: па вештачењата на Обвинителството поминуваат без никаква проверка за легитимитет, за вештаците, а од одбраната се бараат фамозни акредитации и детални лиценци под лупа. Со ваквата селективна правда, принципот „еднаквост на оружјата“ во нашите судници е само мртво слово на хартија.
Обични луѓе одамна ја изгубиле вербата во системот и правосудството, гледајќи како законите се применуваат селективно, како некои луѓе се недопирливи и над законот, како правниот систем експресно реагира кога е во прашање обичен граѓанин, употребувајќи го целиот репресивен апарат додека пред милионските проневери, криминалните тендери и очигледниот грабеж на високите функционери се замижува или тие се релативизираат, се спинуваат, а настаните и криминалот се затскриваат зад постапувањето или молчењето на институциите кои се претходно хируршки парализирани.
Правната држава не се гради со прес-конференции, со амбасадорски прекорувања, ниту со наредби од извршната власт. Не се гради ни со квази реформи, законски измени како шминка за некаква реформа, не се гради ниту со обвинители кои се будат од зимски сон само кога ќе им се смени политичкиот шеф. Таа се гради со морален и професионален интегритет и со кичма. Правна држава се гради со судии кои имаат храброст да пресудат против моќта на државата кога таа греши, и со обвинители, кои ќе го гонат криминалот дури и кога тој седи во првиот ред на владината седница. Такви судии и обвинители не создава постојната Академија за судии и обвинители, ниту политичката и општествена сцена, такви судии и обвинители создава само вистинска и суштинска реформа, која ќе направи селекција преку евалуација на работењето на секој судија и обвинител и драконски санкции за оние за кои со докази ќе се утврди дека биле дел од корумпираниот и заробен правен систем и кои клиентелистички се однесувале со извршната власт. Време е правосудството конечно да престане да биде партиски реверс и куќа на стравот, и да стане она што му е уставна обврска – чувар на законот и на граѓаните, а не на политичките кариери.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












