Во екот на летната туристичка сезона, дел од туристичките агенции почнаа да бараат дополнителна доплата од околу 20 евра по патник за веќе резервирани аранжмани. Како причина се наведува порастот на цените на авионското гориво и зголемените трошоци во воздушниот сообраќај, кои, според агенциите, се последица на безбедносната состојба и на воените случувања на Блискиот Исток. Граѓани кои веќе ги уплатиле летувањата велат дека деновиве биле контактирани од туристичките агенции и биле известени дека треба дополнително да доплатат по 20 евра по лице за реализација на аранжманот.
– Од агенцијата каде што го уплативме аранжманот за Тунис ни побараа плус по 20 евра од човек поради поскапување на керозинот. Ние уплативме 30 отсто од аранжманот во јануари со ран букинг, а остатокот треба да го доплатиме една недела пред тргнување. Но, Агенцијата нè извести пред еден месец дека треба да доплатиме 20 евра по лице, што значи за 4 лица имаме дополнителен трошок од 80 евра, што не е малку. Со ова ни се зголеми и трошокот за одмор. Да знаевме претходно дека треба да доплатуваме, ќе размислевме дали да уплатиме, вели еден граѓанин.
Друг граѓанин исто така вели дека и покрај тоа што сметале дека цената е конечна, им побарале дополнителни средства поради поскапување на авионското гориво. Не станува збор за голема сума, но смета дека ваквите трошоци треба однапред да бидат пресметани.
Од туристичките агенции објаснуваат дека дополнителниот надоместок не е нивна одлука, туку произлегува од корекциите што ги прават авиокомпаниите поради порастот на оперативните трошоци.
– Доплатата е законска и предвидена во договорите за патување кога ќе дојде до реално зголемување на трошоците за превоз, особено на цените на авионското гориво. Во вакви ситуации, туристичките агенции имаат право да направат корекција на цената на аранжманот, но патниците мора да бидат навреме известени, односно најдоцна 20 дена пред реализацијата на патувањето. Висината на доплатата зависи од условите што ги поставуваат авиокомпаниите, бидејќи секоја туристичка агенција има различни договори и комерцијални аранжмани со различни авиопревозници. Поради тоа, кај дел од аранжманите може да има дополнителен трошок, а кај други воопшто да нема корекција на цената, изјави претседателот на Националната асоцијација на туристички агенции, Ана Марија Алексова-Малева, за весникот ВЕЧЕР.
Од туристичките агенции посочуваат дека поради конфликтот во регионот и пренасочувањето на дел од летовите, зголемени се трошоците за авионски превоз. Дел од авиокомпаниите воведоа дополнителен надоместок од околу 20 евра за гориво, кој мора да биде покриен.
Експертите посочуваат дека во услови на геополитички кризи и нестабилност на енергетските пазари, најчувствителен е токму авиосообраќајот бидејќи секое зголемување на цената на горивото директно се одразува врз цената на билетите и на туристичките аранжмани.
Од Организацијата на потрошувачите велат дека граѓаните треба внимателно да ги прочитаат договорите што ги потпишуваат со туристичките агенции, бидејќи во дел од нив постојат клаузули кои овозможуваат корекција на цената во случај на значително зголемување на транспортните трошоци или други непредвидени околности.
Доколку тензиите на Блискиот Исток продолжат и во наредниот период, туристичките работници не ја исклучуваат можноста за дополнителни корекции на цените на авионските аранжмани, особено за дестинациите до кои се патува со чартер-летови.
(А. С.)












