Како и секоја година, така и годинава, Општина Гостивар ќе организира Летна школа, успешен проект што се реализира веќе петта година по ред, со цел децата да бидат ангажирани во текот на летните месеци.
– Имајќи предвид дека во овој период во државава престојуваат и децата на иселениците, за нив ќе бидат организирани и курсеви по мајчин јазик – соопштија од Општина Гостивар.
Оттаму додаваат дека Летната школа ќе ги опфати следните предмети и активности: ликовна уметност, ракомет, кошарка, кик-бокс, рециклирање.
Пријавувањето на учениците во управите на соодветните училишта започна од денеска, а ќе се врши до 10.06.2026 година.
Активностите на Летната школа ќе се реализираат од 06.07.2026 до 31.07.2026 година.
Од Општината ги повикуваат сите ученици да станат дел од оваа едукативна и забавна програма, која им овозможува да учат, да се дружат и да развиваат нови вештини за време на летниот распуст.












