недела, октомври 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА 85 ГОДИНИ ОД 11 ОКТОМВРИ – ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР ОТКРИВА ДВА ВРЕДНИ АРХИВСКИ...

85 ГОДИНИ ОД 11 ОКТОМВРИ – ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР ОТКРИВА ДВА ВРЕДНИ АРХИВСКИ ДОКУМЕНТИ ШТО ЈА ЧУВААТ ВИСТИНАТА ЗА ВОСТАНИЕТО: Необјавена скица на бугарскиот окупатор ги открива деталите за првите истрели на Участокот!

Во депоата на македонскиот Државен архив се чува скицата за нападот на партизанска група врз тогашната бугарска полициска управа, направена од страна на нивните службеници утредента по нападот на група партизани од одредот „Гоце Делчев“. На документот, кој го оставиле бугарските окупатори по повлекувањето, е запишано каков бил распоредот на напаѓачите, каде бил стражарот, каде било пукано со пушките, каде била фрлена бомбата... Вториот оригинален документ е „Карактеристиката“, која новата власт во Македонија, по ослободувањето, ја напишала за Душан Наумовски, кој го испукал првиот востанички истрел. „Во затворот бил тепан и малтретиран, но се држел добро и не открил ништо“ – пишува во оригиналниот документ

0

Во историјата на секој народ, покажуваат бројни примери, најчесто се клучни неколку настани. Тоа се оние ситуации во кои народите треба да донесат најправилна одлука, да го изберат она што е најдобро за нив, да се стават на вистинската страна во историските премрежиња. Едноставно, да покажат дека се народи кои заслужуваат да решаваат за сопствената судбина и чиј избор ќе биде гордост за генерациите кои ќе се раѓаат отпосле. А сеќавањата на таквите настани, на таквите клучни моменти, се од посебна важност. Заради тоа, секој народ, па и македонскиот, ги чува сите можни сведоштва кои се однесуваат на нив. Значаен е секој документ, секој запис, секое предание, песна, најразлични артефакти, оружје, прибори… Зачуваните сеќавања, кои се чуваат во архивите, музеите и другите институции го одржуваат и сеќавањето на тие историски моменти кога состојбите се менувале радикално. Во тоа е важно да се сочува и најмалиот детаљ кој е дел од приказната што ја раскажува секој народ.

Приказната и значењето на 11 октомври 1941 година, односно нападот на бугарскиот полициски Участок во Прилеп, се големи за македонскиот народ. Тоа е денот кога, пред 85 години, овој народ, заедно со припадниците на сите други народи кои живеат во Македонија, решил да даде отпор на фашистичките окупатори, решил да ѝ се спротивстави на окупацијата и да тргне во решавачка битка за сопствената слобода и за изградба на сопствената држава. На тој датум започна епопеја за која сеќавањата не смеат да згаснат и мора грижливо да се чуваат. А такви документи, кои на свој начин сведочат за денот на почетокот на востанието, грижливо се чуваат во македонскиот Државен архив и се однесуваат токму на вечерта кога истрелите од оружјето на едни од првите македонски партизани го означиле почетокот на борбата на оние личности кои го испукале првиот куршум.

Детален цртеж за нападот на петчлената партизанска група

Историјата забележала дека нападот бил извршен од група од 16 партизани од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, млади луѓе со скромно вооружување – околу 20 пушки, неколку бомби и пиштоли и околу 400 куршуми. Беа поделени во три ударни групи со точно утврдени задачи – првата со пет партизани да го нападне полицискиот участок, втората затворот, за да ги ослободат затворените соборци, а третата да ги прекине телефонските врски на градот со околните места. Во сето ова, секако, клучен бил нападот на бугарскиот полициски Участок и на што, всушност, се однесуваат документите кои грижливо се чуваат во Државниот архив. Односно, се однесуваат на самиот напад вечерта, околу 22 часот, кога партизанот Душан Наумовски го убива бугарскиот стражар, а останатите партизани го рануваат вториот стражар, фрлаат бомби, испукуваат бројни куршуми кон полициското седиште на окупаторот. Утредента, по нападот на партизаните, додека трае акцијата за откривање и апсење на партизаните, додека се вршат претреси и малтретирање на граѓаните, бугарските власти прават и детална скица за тоа како бил извршен нападот и што сè се случило. Оригиналот на скицата сега се чува во нашиот Архив, заведен во Фондот број 1095, а се однесува на документацијата која била запленета од бугарската Околиска управа на Прилеп од 1941 – 1944 година. Поточно, документацијата која била оставена од бугарските окупатори по нивното повлекување во септември 1944 година од Македонија. На горниот дел од скицата, која првпат се појавува во јавноста и која ја направиле тогашните бугарските полициски власти, со рака е напишано дека се работи за „Скица на првиот полициски Участок во град Прилеп на кој е извршен напад на 11 кон 12.10 од саботери комунисти“. На главниот цртеж се гледа локацијата на Участокот, улицата пред него, местоположбата на стражарот, на напаѓачите… Сето тоа е објаснето на десната страна на скицата, каде што се наведени и објаснувањата, па така, број 1 го означува правецот на нападот, број 2 местото каде што се извршени нападите, број 3 каде што биле скриени напаѓачите, број 4 од каде што другиот предвидел за нападот со пушката, број 5 местото каде што биле скриени други напаѓачи при што се наведува и податок за еден пиштол 164574 калибар 7,65см со 6 патрони. Со број 6 е означена локацијата на која бил бугарскиот полицаец, а кој авторот на скицата го запишал како Дамев Колев (во нашата историографија е запишан како Петар Колев), со број 7 е означено местото на кое е најдено неговото тело, со број 8 локацијата на двајцата напаѓачи, а со број 9 местото каде што е фрлена бомбата од саботерите.

– Ова е значаен документ бидејќи е направен од тогашните бугарски окупациски власти и е оригинално сведоштво од тој период. Тој е дел од материјалот кој тогашните бугарски окупациски власти ги оставиле во Прилеп, а најверојатно се работи за архивата на околискиот началник на Управата во Прилеп. Тие се повлекле од Прилеп на 8 септември 1944 година и не ја собрале целата архива. Но, најголемиот дел од архивите, сепак, ги повлекле. Така, сега во Софија се наоѓаат бројни документи од овој востанички период, а се чуваат како во бугарскиот Државен Архив така и по нивните министерства за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи. За жал, ние како истражувачи, сè уште не можеме да допреме до некои вредни документи за да ги истражиме – вели Бранислав Светозаревиќ, историчар и архивист за весникот ВЕЧЕР.

Наумовски не открил никого од соборците

Вториот вреден документ кој се чува во Државниот архив се однесува на партизанот Душан Наумоски, кој го испукал првиот истрел во нападот на Участокот. И овој документ досега не бил објавен никаде, а е направен по крајот на војната од страна на новата комунистичка власт во Македонија и претставува своевидна биографија на Наумоски. Така, во насловот се однесува дека се работи за „Карактеристика“ за лицето Душан Сотиров Наумоски, кој во тој период е шеф на потсекторот за сузбивање на криминалитетот и стопанска саботажа при отсекот за внатрешни работи при градскиот Извршен одбор – Прилеп. Се наведува дека тој во 1941 година учествува во акциите за собирање на оружјето и материјалите за партизанските одреди кои се формираат тогаш и дека на 10 октомври, како доброволец, се приклучил на првоформираниот прилепски партизански одред кој врши акција на Участокот, на затворот и на телефонски линии.

– Тој учествува во таа акција како командир на петорката на која ѝ е наложено да го нападне Участокот. Тој ја предводи акцијата, го убива стражарот и се повлекува во одредот кој, по акцијата, е разбиен, и со неколку луѓе се префрлува во Ропотово (бродска околија) од каде што оди на Селечка Планина. Душан се разболува од маларија и со дозвола на раководството се враќа в град, каде што живее нелегално една недела. Но, по провалите, го фаќа полицијата и го носи во обласна полициска управа во Битола, каде што е предаден на суд и осуден на 6 години и осум месеци – пишува во „Карактеристиката“ на овој востаник.

Во документот се додава дека Наумовски пред бугарската полиција не открил никого од соборците.

– Пред полицијата и на судскиот процес се држел коректно. Потоа бил префрлен во централниот затвор во Скопје, каде што останува сè до ослободувањето, во јуни 1944 година. Во затворот бил тепан и малтретиран, но се држел добро и не открил ништо – пишува во оригиналниот документ.

Со вакви сведоштва, вистината за македонскиот отпор против фашистичките окупатори станува сè побогата и поверодостојна. Овие документи грижливо се чуваат во Државниот архив и заедно со сите други сведоштва од овој светол момент во македонската историја ќе бидат брана против сите обиди за негирања. (Б. Ѓ.)

Димитар Богески: Чуваме автентични извори за разбирање на сопствената  историја

Документ – Скицата од нападот на I полициски участок во Прилеп, која се чува во Државниот архив, претставува исклучително значајно историско сведоштво за настаните од 11 Октомври 1941 година, со кои започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, вели Димитар Богески, директор на Државниот архив во изјавата за весникот ВЕЧЕР. Тој додава дека неговата посебна вредност е во деталниот приказ на просторот, со означени објекти, позиции и правци на дејствување на борците.

– Скицата ни овозможува да го согледаме начинот на кој бил организиран и изведен нападот на полицискиот участок, како и да ги реконструираме околностите во кои се одвивала акцијата. Во нападот учествувале 16 борци, а првиот истрел го испукал Душко Сотиров Наумовски, со што започнала акцијата што ќе остане забележана како еден од клучните моменти на 11 октомври 1941 година – нагласи Богески.

Директорот Богески наведува дека во архивските фондови е зачуван и документ насловен „Карактеристика“, кој содржи значајни биографски податоци за Душко Наумовски, неговото учество во револуционерното движење и активностите во НОБ.

– Значењето на овие два архивски документа е особено големо бидејќи меѓусебно се надополнуваат и ни овозможуваат поцелосно да ги согледаме историските настани. Скицата дава прецизен приказ на местото и на организацијата на нападот, додека биографскиот документ ни открива податоци за еден од неговите непосредни учесници, неговиот револуционерен пат и личниот придонес во борбата. Во Државниот архив се чуваат бројни оригинални документи, извештаи, скици, биографски материјали и други сведоштва поврзани со НОБ. Нивната историска и истражувачка вредност е од исклучително значење за проучувањето на овој период, бидејќи овозможуваат реконструкција на настаните, утврдување на историските факти и расветлување на улогата на поединците кои учествувале во нив. Токму ваквите архивски сведоштва ја потврдуваат незаменливата улога на Државниот архив во зачувувањето на македонското историско и национално паметење. Преку нив, историските настани добиваат своја документарна потврда, а идните генерации добиваат можност да ја истражуваат и да ја разберат сопствената историја врз основа на автентични извори – нагласува Богески.

ИЗДВОЕНИ