Денеска е 11 Октомври, 85 години од Народното востание на македонскиот народ. Во 1941 година се случува неповторлив и клучен историски настан, кој е синоним за отпорот на македонскиот народ кој го симболизира официјалниот почеток на Народноослободителната антифашистичката војна (НОАВМ) во Вардарска Македонија.
Тоа е важен темел во борбата за самобитност и самостојност. Продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото,Разловечкото, Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување.
Бескомпромисната борба на партизаните од првиот Прилепски партизански одред и акциите кои тие ги изведоа со нападот на бугарската полициска станица, затворот и прекинот на електричните и телефонски жици, го трасираше борбениот пат кон слободата. Веќе следниот ден, на 12 октомври 1941 година, започнаа вооружените акции и во Кумановско. Во месноста Менкова колиба беше формиран Карадачкиот партизански одред, којшто заедно со Кумановскиот партизански одред формиран во месноста Студена вода ги интензивираше воените дејствија до 17 октомври 1941 година.
Честитка од Собранието
Денес го одбележуваме 11 Октомври, Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја, симбол на храброста, непокорот и решителноста на народот да се избори за слобода, достоинство и сопствена иднина.
Овој празник нè потсетува на вредностите врз кои се гради едно демократско и праведно општество, слободата, солидарноста, меѓусебното почитување и заедништвото. Тоа се вредности кои и денес треба да бидат наша водилка во градењето на државата и во
создавањето подобра иднина за генерациите што доаѓаат.
Наша обврска е со почит да го чуваме споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточиме во одговорност, единство и посветеност кон демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на нашата земја.
Само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите можеме да изградиме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван и ќе има можност да придонесе кон заедничкиот напредок.
Нека 11 Октомври биде потсетник дека слободата и достоинството се вредности што треба постојано да ги негуваме и браниме. На сите граѓани им го честитам 11 Октомври, Денот на народното востание, со желби за мир, благосостојба и просперитет, велат од македонското Собрание.
По повод одбележување на 85-годишнината од народното востание и празникот 11 Октомври – Денот на народното востание ќе се одржи Свечена академија на Спомен костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“ на која ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски во 10:00 часот во Прилеп, ќе положи цвеќе на спомен обележјата „Методија Андонов-Ченто” и „Кузман Јосифоски-Питу” на Могила на непобедените.









