Боркица Мурџева e родена во 1996 година во Гевгелија. Средно стручно образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, на одделот „Насока за традиционална музика и игра“, профил традициски играч и пејач. Во 2015 година, образованието го продолжува во полето на интердисциплинарите науки со студии на Институт за етнологија и антропологија при УКИМ, за во 2020 година да ги заврши како дипломиран етнолог и антрополог, со крајна оцена 10. Воедно добива признание од деканот на ПМФ и Институтот за етнологија и антропологија за најдобар студент.
Во периодот од 2015 до 2018 работи како волонтер во Ансамбл „Танец“ на местото вокален исполнител – сопран. Од 2018 година, своето професионално искуство го пренесува во пејачката група при Ансамбл „Бојмија“ како одговорен член, каде што ја започнува својата педагошка активност по однос народното пеење.
0Родена си во Гевгелија, а уште од најрана возраст го избра патот на традиционалната музика и игра. Од каде потекнува твојата љубов кон народното творештво?
– Интересот кон народното творештво, во голема мера, произлегува од семејната средина во која растев. Несомнено е дека музиката отсекогаш била суштински дел од мојот живот, при што особено влијание врз мојата насока кон традиционалната музика имаше член од поширокиот круг од мојата фамилија, кој веќе стручно се занимаваше со фолклорот и беше професионално остварен во Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Благодарение на таа семејна нишка, традиционалната песна стана мој природен израз и водилка во мојот уметнички развој.
0Што е она што те привлече кај македонската народна песна – нејзината мелодија, текстот, емоцијата или приказната што ја носи?
– Често размислувам по однос на оваа тема. Иако мелодиската линија и текстот се она што прво го плени увото, а сите четири елементи што ги спомнавте се нераскинливо поврзани, сепак, она што најсилно ме привлекува е човечката приказна. Според мене, секоја песна е жив споменик на една човечка судбина, таа зборува за реални искуства, љубови, разделби, копнежи кои се универзални за сите генерации.
0 Од 2018 година си дел од пејачката група на Ансамбл „Бојмија“, од Гевгелија, каде што започна и твојата педагошка активност. Што претставува „Бојмија“ за тебе?
– Токму така, во Ансамбл „Бојмија“ сум од своите средношколски денови, најчесто учествував на завршните концерти во делот на вокалните изведби. Како ансамбл кој повеќе од дваесет години е вистински амбасадор на македонскиот фолклор, за мене претставува место каде што љубовта кон фолклорот постојано се зголемува, а денес имам чест да бидам поддршка на нови млади таленти. Неизмерно сум благодарна што толку години сум дел од овој ансамбл, на раководителите кои со својот ентузијазам и безрезервна поддршка создаваат простор за новите генерации да учат, растат и творат.
0 Каков е интересот кај младите за традиционалното народно пеење? Дали се соочуваме со недостиг од интерес или, сепак, постојат млади луѓе кои сакаат да ја продолжат оваа традиција?
– Можам да кажам дека позитивно сум изненадена од интересот за традиционалната музика, посебно од млади деца. Неодамна, во соработка со Пионерски дом „Јосип Броз Тито“ – Гевгелија реализиравме детски вокално-инстументален концерт на народна музика насловен „Од срце до песна“, на кој беа изведени вкупно петнаесет народни песни и ора, кои низ годините биле изведувани и негувани од доајените на македонскиот народен мелос: Петранка Костадинова, Васка Илиева, Вања Лазарова, Драгица Мавровска, Анка Гиева, легендарните Костурчанки и Пеце Атанасовски. Во реализација на концертот учествуваа деца на возраст од осум до дваесет години. Појавата на едукативни музички центри низ државата кои имаат за цел македонската народна музика да ја доближат до ученици преку професионален пристап, сведочи за интересот кој сè повеќе се зголемува низ годините во однос на ова прашање.
0 По освојувањето на првото место на „Глас Земан 2026“ во Нови Пазар, на Интернационалниот музички фестивал „Студентско лето“ во Маглај (БиХ), кој има традиција уште од 1964 година, ја освои Специјалната награда „Селвер Пашиќ“ за најдобра интерпретација на севдалинка. Со кои песни настапи и какво искуство носиш од овие два фестивали?
– „Ворлд мјузик Земан“ е меѓународен фестивал и се смета за еден од најважните во регионот посветени на спојот помеѓу традиционалната музика и современите музички правци. Се одржува во Нови Пазар, Србија. На фестивалската вечер „Глас Земан“ настапив со песната „Ти ли се најде Лено мори“, која во изведбата на Вања Лазарова претставува вистински вокален предизвик. На вториот фестивал настапив со песната „Ах, љубав, љубав“, композиција напишана во духот на севдалинката, чиј автор е Селвер Пашиќ. Токму затоа, освојувањето на наградата што го носи неговото име за мене има посебна уметничка тежина. Двата фестивали за мене се незаборавно искуство, потврда и мотивација дека патот што го избрав на автентична и искрена интерпретација е оној вистинскиот.
0 За 25 ноември, во Гевгелија, го закажа својот прв солистички концерт, насловен „Душата на Балканот”. Што може да очекува публиката која ќе дојде на концертот, со кого ќе настапиш и со каков репертоар?
– Токму така, на 25 ноември, во Народниот театар – Гевгелија со почеток во 20 часот, преку безвремените мелодии ќе ги оживееме приказните за љубовта, тагата, копнежот. Концертот „Душата на Балканот“ ќе биде остварување на мојот долгогодишен сон. Огромна чест ми е што ова поглавје го започнувам токму пред мојата домашна публика во Гевгелија. На сцената ќе настапам во придружба на двајца извонредни музичари, Влатко Сапламаев на клавијатура и Слободнан Кржев на гитара. Самиот наслов ја отсликува суштината на репертоарот, внимателно одбрани македонски традиционални песни, севдалинки и препознатливи српски народни песни, вклучувајќи и композиции инспирирани од поезијата на Алекса Шантиќ, во префинет аранжман на клавијатура и гитара.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












