Интервентен тим составен од ветеринари, ренџери и локална полиција во иднина ќе интервенира при појава на диви животни во населени места или при сообраќајни незгоди во кои се повредени животни што претставуваат опасност за граѓаните. Тимот ќе има задача по брза постапка да процени како ќе се постапува со животното, кое потоа би било згрижено во прифатен центар за диви животни. Ова го предвидува новиот Закон за природа што го подготви Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а кој е веќе објавен на ЕНЕР за јавна консултација.
Како што појаснија од МЖСПП на вчерашниот брифинг со новинарите, законските измени се подготвуваат поради сè почестите случаи на движење на мечки и други диви животни во близина на населени места, особено во западниот дел на државата.
– Со проблемите што ги имаме во природата, пред сè поради движењето на мечки, предвидуваме воведување интервентен тим кој на брз начин ќе може да интервенира и да ги превенира сите проблеми што се случуваат во природата – посочија од Министерството.
Според надлежните, интервентниот тим ќе функционира по примерот на Словенија и Хрватска, а ќе биде составен од повеќе институции и служби – ветеринари, ренџери, локална полиција и други релевантни чинители. Доколку диво животно влезе во населено место или биде повредено во сообраќајна несреќа, тимот веднаш ќе излегува на терен и ќе носи одлука за понатамошното постапување.
– По брза процена ќе се одлучува како ќе се постапи со животното. Целта е да се отстрани опасноста за населението, но и хумано да се постапува со животните – велат од МЖСПП.
Во рамки на законското решение е предвидено и формирање Национална комисија за крупни ѕверови, во која ќе членуваат претставници од Министерството за животна средина, Министерството за земјоделство и полицијата. Комисијата ќе дава насоки за управување со крупните ѕверови, особено во заштитените подрачја, како и препораки за работата на интервентните тимови.
Од Министерството најавуваат и отворање прифатен центар за диви животни во скопско Инџиково, каде што ќе се згрижуваат повредени животни пронајдени во природата. Центарот треба да функционира во соработка со Ветеринарниот факултет.
– Бараме финансиски средства за отворање на центарот. Процените се дека ќе бидат потребни од 200 до 300 илјади евра како почетна инвестиција – информираа од Министерството, додавајќи дека таму ќе се згрижуваат не само крупни ѕверови туку и повредени птици и други диви животни.
До формирањето на центарот, институциите најавуваат дека ќе се постапува според посебни протоколи за хуман третман на животните. Во план е формирање два интервентни тима – едниот за подрачјето на Попова Шапка и Маврово, а вториот за Охридскиот Регион и Галичица.
Надлежните се осврнаа и на случајот со волкот што беше заловен во вторникот вечерта во Скопје, оценувајќи дека брзата реакција на Зоолошката градина спречила поголем ризик.
– Добро е што Зоолошката градина постапи брзо и го залови волкот. Да постоеше интервентен тим, тој ќе беше активиран и ќе постапеше согласно со надлежностите – посочија од Министерството.
Со новиот закон се прошируваат и овластувањата на ренџерите во заштитените подрачја. Тие ќе можат да легитимираат лица, да одземаат незаконски стекната роба и да изрекуваат казни доколку утврдат прекршувања на терен.
– Досега, ренџерите имаа ограничена улога и само известуваа други служби. Со новите измени тие ќе добијат поголеми овластувања за превенција и санкционирање – велат од МЖСПП.
Раководителот на Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање, Влатко Трпевски, истакна дека основната цел на новиот Закон за природа е усогласување на домашното законодавство со европските директиви.
– Се усогласуваме со европската директива за живеалишта, со што се создава правна основа за идентификација на потенцијалните Натура 2000 подрачја во Македонија – рече Трпевски.
Тој додаде дека со законот се воведува задолжителна наплата на екосистемски услуги во заштитените подрачја, што досега било на доброволна основа.
– Средствата што ќе се собираат ќе бидат наменети за националните паркови“, нагласи Трпевски.
Законот предвидува и воведување акциски планови за заштита на загрозени видови и живеалишта, нова категорија „геопарк“ што би можела да биде номинирана во УНЕСКО, како и можност за реставрација на деградирани екосистеми согласно европските регулативи. Дополнително, сите постапки и дозволи што ги издава Министерството ќе бидат дигитализирани.
Од МЖСПП информираат дека јавната консултација за законот ќе трае 30 дена, по што ќе следуваат најмалку две јавни расправи. Забелешките и предлозите од јавноста ќе ги разгледува стручен тим во Министерството, а потоа текстот ќе биде доставен до Владата и во собраниска процедура.
(С. Бл.)












