Во тек се активностите за целосна реконструкција на кракот на булеварот „Трета македонска бригада“ (кај „Метро“).
Од Општина Аеродром велат дека станува збор за проект со кој првпат темелно се обновува овој значаен сообраќаен потег во Општината, кој е многу фреквентен и го користат жителите од околината, но и голем број компании што функционираат во овој дел на Аеродром.
– Делницата е во должина од 777 метри, а ќе биде поставен нов асфалт на површина од околу 6.000 квадратни метри и ќе се изградат тротоари со вкупна површина од 1.500 квадратни метри – информираат од локалната самоуправа.
Притоа, додаваат дека е особено важно што првпат се поставува улично осветлување, кое, како што велат, значително ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе придонесе за подобар и посигурен сообраќај.
Инаку, според општинските власти, реконструкцијата е дел од поширок проект за обнова на улиците во Општина Аеродром, со вкупна должина од 5,4 километри и вредност од 138 милиони денари, средства обезбедени од Владата, преку Министерството за транспорт и врски.
Вредноста на овој проект изнесува 17 милиони и 908 илјади денари.












