Српската Алта банка остана без дозвола за работа поради сериозно влошување на финансиската состојба, што предизвика повлекување пари и отвори истраги за сомнителни трансакции. Случајот предизвика вознемиреност и во Македонија, бидејќи белградската банка е доминантен сопственик на Алта банка АД Битола. Додека граѓаните брзаат да ги повлечат депозитите, Народната банка и раководството на македонската банка уверуваат дека таа е ликвидна, стабилна и дека нема причина за паника
Одземањето на дозволата за работа на српската Алта банка отвори сериозни прашања за стабилноста на финансискиот сектор во регионот, а во центарот на вниманието се најде и Македонија поради сопственичката поврзаност со Алта банка АД Битола, поранешна Стопанска банка Битола. Додека српските власти отворија истраги за работењето на банката и за движењето на капиталот, македонската Народна банка уверува дека домашната банка е посебен правен субјект и дека е стабилно нејзиното работење.
Причина за загриженоста е тоа што белградската Алта банка поседува 95,1754 проценти од обичните акции во Алта банка АД Битола, според објавената сопственичка структура со состојба на 17 јули годинава. Откако Народната банка на Србија на 30 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на банката во Белград и по информациите дека се префрлаат пари од српската во македонската банка, се отвори прашањето дали може да влијаат финансиските проблеми на доминантниот сопственик врз работењето на неговата подружница во Македонија.
Од Народната банка на Македонија појаснуваат дека одлуката на српскиот регулатор се однесува исклучиво на работењето на банката во Србија и не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола. Велат дека македонската банка е посебен правен субјект, работи според домашното законодавство и е под континуиран надзор на Народната банка. Регулаторот нагласува дека ги следи и сите околности што би можеле да влијаат врз нејзиното работење, вклучително и ризиците поврзани со сопственичката структура.
И од Алта банка АД Битола, преку соопштение до јавноста, уверуваат дека нема простор за загриженост. Во соопштението наведуваат дека е ликвидна банката, располага со сопствен капитал, средства и обврски и дека продолжува со редовното и непречено работење.
– Сите експозитури и банкомати функционираат нормално, а клиентите можат да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции. Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно со законските услови и лимити – велат од Алта банка АД Битола.
Сепак, уверувањата не ја спречија вознемиреноста кај дел од граѓаните. Во Битола, во саботата беа забележани редици пред главната филијала, бидејќи клиентите побрзаа да се информираат и да ги повлечат своите средства.
Случувањата покажаа колку брзо може проблемите во една банка да предизвикаат недоверба и во друга држава, особено кога постои директна сопственичка поврзаност.
Експертот Павле Гацов посочува дека Алта банка Битола е македонска банка со уплатен основачки капитал, домашни депоненти и кредитокорисници, која работи под надзор на Народната банка и ги исполнува законските обврски во земјава. Тој побара и јасен јавен став од гувернерот, како и засилен надзор за да се спречи непотребна паника меѓу штедачите.
Во јавноста се појавија и неофицијални информации дека од Србија кон Македонија биле префрлени речиси 100 милиони евра. Од Управата за финансиско разузнавање соопштија дека во последните 48 часа до нив не стигнала информација за реализирани трансакции во големи износи од и кон Алта банка АД Битола.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, порача дека домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен. Тој истакна дека централната банка секојдневно ги следи ликвидноста, капиталната позиција и изложеноста на ризици на банките. Во однос на информациите за прекугранични трансфери, Славески објасни дека самото префрлање средства од една во друга земја не значи дека станува збор за сомнителна активност. За правилна оцена, според него, неопходно е да се утврдат природата, основата и околностите на трансакциите, како и нивната усогласеност со законите. Тој додава дека прекуграничните финансиски текови се вообичаен дел од современата економија.
Во Србија, пак, ситуацијата е значително посериозна. Според сведоштва на анонимни извори објавени во тамошен медиум, од 27 октомври во Алта банка започнало масовно повлекување средства од сметките на физички и на правни лица. Се споменуваат повеќемилионски конверзии на валути и префрлање пари кон други банки. На 30 октомври, во банката влегол тим на Народната банка на Србија, по што менаџментот ги уверувал вработените дека е состојбата под контрола. Сепак, тој ден на вработените им била исплатена платата однапред, со препорака веднаш да ги префрлат средствата на други сметки.
Народната банка на Србија во саботата на полноќ официјално ја одзеде дозволата за работа, образложувајќи дека значително се влошила финансиската состојба на банката и дека постои опасност од дополнително нарушување на ликвидноста, со што се загрозени интересите на депонентите. Особено внимание предизвика податокот што го објави Студентската листа во Србија, според кој банката во јуни годинава пријавила адекватност на капиталот од 17,92 проценти, повеќе од двојно над законскиот минимум од осум проценти. Тие бараат истрага за тоа како за само четири месеци дошло до толку сериозно влошување на финансиската состојба, проверка на кредитите кон поврзани лица, гаранциите, имотот на групацијата и можностите за наплата на побарувањата.
Јавното обвинителство за организиран криминал во Србија побара од централната банка податоци за трансакциите што ги реализирала Алта банка кон странски приматели, а од полицијата е побарана истрага за работењето на банката и за одговорноста на надлежните лица. Во меѓувреме, студентите во блокада упатија апел до домашните и до меѓународните банки да ја засилат контролата врз прекуграничните финансиски трансакции, особено оние што вклучуваат јавни средства и државни претпријатија.
За клиентите на банката во Србија, депозитите до 50.000 евра по депонент се осигурени согласно со законските прописи. Предвидено е исплатата на осигурените средства да се реализира преку други банки, додека средствата над овој лимит ќе зависат од финансиската состојба и од исходот од стечајната постапка. Обврските на граѓаните што имаат кредити не престануваат, туку тие ќе мора да продолжат со отплатата според инструкциите што ќе ги добијат.
Сопственик на Алта групацијата е српскиот бизнисмен Давор Мацура, кој влегол во деловниот свет во 2008 година, со отворање менувачница во Земун. Во 2019 година ја основал Алта банка, преку преземање на Јубмес банка, а групацијата подоцна го проширила работењето во повеќе сектори, вклучително и во малопродажбата. Преку своите компании била поврзана со синџирите „Идеа“, „Рода“ и „Меркатор“, како и со преземање банка и осигурителна компанија во Македонија.
За Македонија останува најважно да се утврди дали може проблемите на српскиот сопственик да создадат ризици за банката во Битола. Засега, домашниот регулатор и раководството на банката уверуваат дека е стабилно работењето, но јавноста очекува транспарентни информации и асилен надзор, со цел да се зачува довербата на граѓаните во домашниот банкарски систем.
Граѓаните чуваат 7,5 милијарди евра во македонските банки
На банкарските сметки на македонските домаќинства се наоѓаат 7,51 милијарда евра, што е за околу 310 милиони евра повеќе во споредба со почетокот на годината. И покрај инфлацијата и високите трошоци за живот, депозитите бележат раст. Депозитите во текот на годината имале претежно нагорен тренд. Во јули достигнале 7,52 милијарди евра, во август се намалиле на 7,49 милијарди, а во септември повторно пораснале на 7,51 милијарда евра.

Кога би се поделила вкупната сума на околу 1,83 милиони жители, секој би имал просечно по 4.100 евра во банка. Сепак, ова е само математичка пресметка, а не реална слика за финансиската состојба на населението. Во депозитите се вклучени и парите на трансакциските сметки, средствата по видување и орочените депозити. Тоа значи дека не сите овие пари претставуваат вистинска заштеда. Истовремено, расте и задолжувањето. Во септември, кредитите на граѓаните достигнале околу 4,93 милијарди евра.
(С. Бл.)










