Холандскиот министер за внатрешни работи предупреди на алармантни повици за насилство и вандализам што се шират преку интернет и чет-групи на младите од Генерацијата зет. Такви протести наредниот викенд се очекуваат во повеќе холандски градови
Генерацијата зет викендов ја „запали“ Европа. Континентот повеќе од едне месец го тресат протести, кои стануваат се понасилни, а има најави дека ќе продолжат и во деновите што доаѓаат и дека ќе се прошират и низ други држави.
Младите излегоа на улиците во Германија, Франција, Швајцарија, Албанија и Португалија, а најновата најава за протести доаѓа од Холандија. Холандскиот министер за внатрешни работи Питер Херма предупреди на алармантни повици за насилство и вандализам што се шират преку интернет и чет-групи на младите од Генерацијата зет. Такви протести наредниот викенд се очекуваат во повеќе холандски градови, иако засега нема дополнителни официјални информации за конкретните локации, бројот на потенцијални учесници или обемот на најавените инциденти. Протестите би се организрале во знак на револт поради растечките трошоци за живот, условите за образование, социјалната правда, полициското насилство и заштитата на климата.
Викендов на први протести со таква мотивација во 34 градови одржаа младите Германци, организирани од групата „Генерација зет решава“. Доцна вечерта во неделата ситуацијата ескалираше во голем број поголеми градови, каде се случија грабежи и беа фрлени молотови коктели врз полицајците, а повеќе од 200 лица беа уапсени, објави германската полиција.
Најкритично беше во Франкфурт каде беа уапсени 30 демонстранти, кои влегуваа во продавници и крадеа и во Келн, каде што демонстрантите фрлаа шишиња кон полицијата, а пет лица беа приведени. Насилство имаше и во Берлин, каде што врз полицајците и новинарите беа фрлени петарди, пиротехнички средства и јајца, при што беа повредени 30 полицаји и уапсени 56 демонстранти. На протестите во Хамбург учествуваа околу 6.700 луѓе, а дел од нив, облечени во црно, некои и со маски, ги запалија бариерите, за чие гаснење полицијата употреби водени топови. Уапсени се околу 120 демонстранти.
Насилните протести во Франција се веќе стара приказна. Во последното нивно издание во викенсот што измина, се проценува дека учествувале до половина милион луѓе во 30 градови. Во Париз, Лион, Бордо, Марсеј, Лил и Тулуз полицијата употреби солзавец, бибер спреј и водни топови. Низ цела Франција уапсени се 565 демонстранти.
Без прекин се протестира и во Албанија, каде во последно време се истакнува барање за смена на премиерот Еди Рама. Викендов полицијата спречи демонстранти да влезат во зградата на Владата.
Судири со полицијата имаше и на протестите во Швајцарија, а најжестоко беше во Базел и во Цирих. Нереди имаше и на протестите во повеќе градови во Португалија, каде што илјадници луѓе учествуваа во протестен марш барајќи попристапни станови и најавија дека нема да се откажат од борбата за правото на дом.











