сабота, јули 4, 2026
Дома LIFE Во Гевгелија, бесплатни дерматолошки прегледи без закажување – навремената дијагноза спасува живот

Во Гевгелија, бесплатни дерматолошки прегледи без закажување – навремената дијагноза спасува живот

1232

Мај е месец на еуромеланома или на европската кампања за превенција на ракот на кожата, која опфаќа бесплатни дермоскопски прегледи на бенките. И оваа година, и во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија ќе се вршат бесплатни прегледи на 20 и 21 мај од 12:00 до 14:00 часот, во просториите на амбулантата за дерматовенерологија, без претходно закажување. Мотото на годинашната кампања е „За да се заштитите од рак на кожата… ако го гледате сонцето, заштитете ја кожата, ако ја гледате месечината, направете самопреглед на кожата“. Оваа кампања се прави со цел подигање на свеста за опасноста од сончевото зрачење, едуцира како да се препознаат сомнителните промени и ги поттикнува самопрегледите.
Ракот на кожата е најчестата форма на рак во светот и приоритетен глобален јавно-здравствен проблем. Меланомот е меѓу шесте најраспространети видови карцином и еден меѓу дваесетте најчести причинители за смрт од рак. Во нашата земја, кожните карциноми се, исто така, во алармантен пораст. Се регистрираат над илјада нови случаи годишно, при што најзастапени се немеланомските видови, додека најсмртоносен е малигниот меланом, чија инциденца, исто така, расте како резултат на климатските промени и животниот стил, вели за весникот ВЕЧЕР доктор Софија Гугова-Пеева.

Појасни дека епидемиолошките студии докажуваат дека покрај наследниот фактор, сончевото зрачење и УВ-зраците од други вештачки извори, како што се солариумите, се главни причина за појава на меланом. Светските климатски промени и промените во животниот стил на луѓето влијаат на сè позачестената појава на рак на кожата. Истенчувањето на озонската обвивка и поголемата популарност на намерното сончање доведува до прекумерна изложеност на ултравиолетово зрачење.

– Темниот тен е само знак на оштетување на кожата, која има силна меморија за изложеноста на ултравиолетовото зрачење во текот на животот. Со текот на годините, акумулираните оштетувања на клетките не може да бидат поправени и по неколку или повеќе години, може да доведат до развој на рак на кожата – вели нашата соговорничка.

Таа посочува дека раната дијагноза, деталната анамнеза за ризиците од меланом, скринингот на група пациенти со зголемен ризик и деталниот преглед на целото тело може да спасат животи.

– За дијагноза, златен стандард е дермоскопијата, додека единствена терапија за меланом е раната хируршка ексцизија. Тие претставуваат единствени карциноми што може да се откријат со голо око и на тој начин да се дијагностицираат во раната фаза на развој – вели доктор Гугова-Пеева.

Посочува дека основно и најважно е пациентите да ја познаваат сопствената кожа. Советува редовни самопрегледи на кожата на целото тело, за што се потребни едно големо огледало, мало рачно огледало и добро осветлена просторија.

– Пациентите треба да научат како да го изведуваат самопрегледот и да внимаваат на деловите од телото како што се грбот, задната страна на надлактиците и надколениците, косматиот дел на главата, ноктите, гениталиите, дланките, стапалата, усната празнина. Затоа, навремениот преглед спасува живот – заклучува Гугова-Пеева и додава дека со ваквите превентивни прегледи, освен преглед на самата кожа, правиме и едукација и даваме корисни совети за фотозаштита од УВА и со УВБ-зраците. (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ