сабота, јули 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Професор од Институтот за хемија избран за вештачење на мазутот: Никој од...

Професор од Институтот за хемија избран за вештачење на мазутот: Никој од Обвинителството не ме повикал

Богданов: Лесно се утврдува дали мазутот бил опасен

1354

Професорот Богдан Богданов од Институтот за хемија за весникот Вечер вели дека, иако бил избран да го испита мазутот од ТЕЦ Неготино од истрагата за екоцид, сепак досега никој од Обвинителството за организиран криминал и корупција не го повикал да го испита вештачењето направено во Србија.

„Точно е дека побараа човек од Институтот, ние им одговоривме позитивно, јас бев избран како одговорен на Лабораторијата за анализа на горива. Не знам зошто досега не ме повикале, инаку долги години правам судски вештачења од областа на хемијата. Концентрацијата на сулфур може лесно да се утврди, значи лесно се проверува дали мазутот бил опасен по животната средина“, вели за нашата редакција професорот Богданов кој работи во лабораторијата која ја користат и од Царината.

Наспроти тврдењето на Богданов дека е на располагање за истрагата, од Обвинителството за организиран криминал велат дека немаат добиено повратен одговор од Институтот за хемија и оти ако не се најде дома, експерт за мазутот ќе се бара од странство. Истрагата за екоцидот не е затворена, но нема професори во државава кој ќе го анализираат вештачењето на спорниот мазут направено во Србија, велат од ОЈОГООК

„Вештачењето од Р.Србија е добиено на 25.9.2025 година. На 25.11.2025 година ОЈО ГОКК поднесе Барање за номинација на стручно лице експерт од областа на заштита на животната средина за испитување на влијание на течно гориво мазут врз животната средина. Барањето беше доставено до Институтот за хемија при Природно -математичкиот факултет и Технолошко -металуршкиот факултет при Универзитет „Св,Кирил и Методиј“. На 27.11. 2025 година од Технолошко -металуршкиот факултет ​беше добиен одговор дека немаат лице што би можело да одговори на барањата на обвинителството, додека од Институтот за хемија до денес не е одговорено.  Дополнително на 5.1.2026 година е доставено истото барање и до ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, велат од обвинителството.

Царинската управа, во изминатите години открила дека една од фирмите опфатени со истрагата имала обид за внес на енергенс кој го пријавила како мазут, а кој според хемиските својства  не одговарал на потребниот квалитет. Царината не споделуваше конкретни податоци за медиумите токму „поради истрагата што ја води ОЈО ГОКК“ за овој случај, а за ова зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски: „Овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле ете такви недозволиви средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е уставно гарантирано за сите граѓани“, изјави премиерот. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ