Град Скопје ја разреши директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, а на нејзино место го постави Војислав Димитровски. Новиот директор е ветеринарен доктор и голем поборник за хуман третман на животните. Тој и претходно беше дел од тимот на „Лајка“, односно веќе беше на директорската функција.
Инаку, разрешената Пешева, поддржана од неколку здруженија, реагираше во јавноста и својата смена ја квалификуваше како чисто партиска. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, таа истакна дека во понеделникот телефонски ѝ се јавиле од Одделението за човечки ресурси во Град Скопје, од каде што ја известиле дека е разрешена и дека треба да дојде да го потпише решението.
– Крајно сум разочарана од оваа одлука. Покажавме добри резултати, работевме одговорно и транспарентно, влијаевме на јавната свест и работевме во услови кога немавме институционална поддршка од никого, кога имавме мал буџет. Буквално бевме оставени сами на себе. Ова е пример за класична партизација – наведе Пешева, потенцирајќи дека сите од „Лајка“ се вложиле со лична желба да успее оваа приказна.
На оваа одлука на првиот човек на градот реагираа и од здруженијата за заштита на животните, меѓу кои и „Анима мунди“, од каде што, како активистка, дојде Пешева.
Од Град Скопје одговорија дека не станува збор за разрешување, туку за истек на мандатот на поранешната директорка, Радмила Пешева.
– Во изминатиот период, на поранешната директорка ѝ беше дадена можност да ги покаже своите менаџерски капацитети, при што мандатот ѝ беше продолжен во два наврати од по еден месец, како в.д. директор. Сепак, имајќи ги предвид предизвиците во функционирањето, отсуството на видливи резултати, како и бројните реакции и пријави од граѓаните, беше неопходно да се направи промена во раководството на ЈП „Лајка“ – одговорија градските власти.
Притоа, нагласија дека целта е да се обезбеди стручно, одговорно и посветено управување, со кадар од областа на ветеринарната медицина и со луѓе што, како што наведуваат, искрено се залагаат за хуман третман и благосостојба на животните.
Од „Анима мунди“, пак, реагираа дека, освен Пешева, разрешени се и активисти од Управниот, односно, како што нагласуваат, „сè што не е подобно и сè кај кое нема да помине наредба на штета на живо битие“.
– Активисти што изнесоа и задомија илјадници кучиња во странство, луѓе што со години превенираа животни да останат на улица, луѓе што секојдневно работат на терен, спасуваат, лекуваат и носат решенија – се заменија во одборите со луѓе што виделе куче само на улица, дел со анимозитет или страв, а состаноци не одржуваат во „Лајка“, затоа што им пречи мирисот на институцијата што треба да ја водат – потенцираат од „Анима мунди“.
Сметаат дека ова е свесно оттурнување на концептот „Скопје што се грижи“ и замена на принципите со послушност. Но, потенцираат дека е лоша процената оти може да се тргне хуманоста без реакција, дека ќе се заборави или амортизира оваа одлука, дека јавноста нема да ја препознае и дознае разликата и дека активистите за правата на животните некогаш ќе молчат.
(А. П.)












