недела, јули 19, 2026
Дома БАЛКАН Повеќе експерти, помалку политика во контролата на безбедносните служби

Повеќе експерти, помалку политика во контролата на безбедносните служби

244
Во своето обраќање, Арсоски ги претстави законските механизми и институционалните решенија што се применуваат во македонското Собрание за надзор на безбедносните служби, осврнувајќи се на постигнатите резултати, но и на предизвиците со кои се соочуваат надзорните тела. Потенцираше дека Македонија располага со солидна законска рамка во оваа област, особено по реформите во безбедносниот сектор и раздвојувањето на техничките капацитети за следење на комуникациите од институциите што ги користат податоците.

 

Безбедносните служби мора да бидат доволно ефикасни за да ја заштитат државата, но истовремено и доволно контролирани за да не ги загрозат уставните права и човековите слободи. Ова беше една од клучните пораки на претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Павле Арсоски, на тридневната Регионална годишна конференција на парламентарните комисии за одбрана и безбедност на земјите од Југоисточна Европа во Загреб, која завршува утре.

Во своето обраќање, Арсоски ги претстави законските механизми и институционалните решенија што се применуваат во македонското Собрание за надзор на безбедносните служби, осврнувајќи се на постигнатите резултати, но и на предизвиците со кои се соочуваат надзорните тела. Нагласи дека Македонија располага со солидна законска рамка во оваа област, особено по реформите во безбедносниот сектор и раздвојувањето на техничките капацитети за следење на комуникациите од институциите што ги користат податоците.

„Од правна гледна точка, државата има напредна законска архитектура и воспоставени механизми за отчетност преку надзорни расправи и јавни сослушувања, при што пратениците можат директно да побараат отчет од министри, директори и експерти“, истакна Арсоски.

Тој посочи дека Собранието располага со специјализирани комисии, чија основна задача е контрола на работата на безбедносните служби, што е во согласност со меѓународните стандарди и принципите на ОБСЕ за демократска контрола на секторот за безбедност.

Сепак, според Арсоски, постојат и сериозни предизвици кои ја ограничуваат ефикасноста на парламентарниот надзор. Како еден од најголемите проблеми го посочи недостигот од техничка експертиза.

„Пратениците се политичари, а не ИТ-инженери, криптографи или телекомуникациски експерти. При вршење надзор, често се соочуваат со сложени системи, софтверски логови и технички процедури кои тешко можат суштински да се анализираат без стручна помош“, рече тој.

Дополнителен предизвик, според него, претставува политизацијата на надзорните процеси, кога работата на собраниските комисии, наместо во професионална контрола, се претвора во арена за дневнополитички пресметки и меѓупартиски обвинувања.

Арсоски укажа и на предизвиците поврзани со безбедносните сертификати, нагласувајќи дека одолговлекувањето на процедурите за нивно издавање или обновување може да ја ограничи можноста на пратениците да вршат увид во класифицирани документи и да го оневозможи целосното спроведување на надзорната функција. Како решение за надминување на овие предизвици, тој предложи собраниските комисии да добијат буџет и законска можност за ангажирање постојан тим од независни надворешни ИТ-експерти, кои би им помагале во контролата на безбедносните институции.

„Парламентарниот надзор не смее да се активира само кога ќе избие скандал или афера. Потребни се редовни, плански и ненајавени инспекции кои ќе обезбедат континуирана контрола на системот“, нагласи Арсоски.

Тој се заложи и за продлабочување на соработката меѓу Собранието и граѓанскиот сектор, со цел зголемување на транспарентноста и јавната доверба во надзорните механизми, без притоа да се загрозат националната безбедност и класифицираните информации.

На конференцијата во Загреб се разгледуваат теми поврзани со парламентарниот надзор над секторот за одбрана и безбедност, заштитата на правата и одговорностите на припадниците на вооружените сили и полицијата, како и примената на Кодексот на однесување на ОБСЕ како нормативна рамка за демократска контрола на безбедносниот сектор.

Посебен акцент е ставен на унапредувањето на меѓупарламентарната соработка и зачувувањето на дијалогот, стабилноста и мирот во Југоисточна Европа во услови на актуелните безбедносни ризици и предизвици.

На конференцијата, организирана од Парламентот на Република Хрватска, Центарот за безбедносна соработка РАКВИАК (RACVIAC), Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (OSCE ODIHR) и Центарот за управување со безбедносниот сектор ДЦАФ (DCAF), учествуваат и пратениците Бране Петрушевски и Оливер Спасовски, членови на Комисијата.

Целта на конференцијата е размена на искуства и добри практики во областа на парламентарниот надзор над секторот за одбрана и безбедност, како и јакнење на меѓупарламентарната соработка во услови на сè посложени регионални и глобални безбедносни предизвици.

 

 

ИЗДВОЕНИ